Бочварски: Примената на Еврокодовите во градежништвото ќе ја зголеми конкурентноста на домашните компании во Европа

од Vladimir Zorba
463 прегледи

Министерот Благој Бочварски денеска се обрати на конференцијата посветена на Еврокодовите – нови стандарди за проектирање и градење на сите видови на градежни конструкции. Во своето обраќање министерот Бочварски потенцира дека воведувањето на Еврокодовите е чекор напред во подигнување на квалитетот на проектирањето и градбата и обврска која Република Севена Македонија мора да ја исполни во процесот на пристапување кон ЕУ.

Министерството за транспорт и врски во 2020 година го донесе Правилникот за стандарди и нормативи во кои се внесени Еврокодовите како нови стандарди при проектирањето со одложена примена до 2024 година. Оваа одложена примена беше донесена со цел низ овој временски период да се изврши соодветна едукација на сите чинители во градежната дејност заради нивна доследна имплеметација во градежништвото.

Имплементацијата на Еврокодовите е процес на усогласување со европската регулатива со што ќе се олесни простапот и конкуретноста на домашните градежни компании на европскиот пазар.

“Заеднички ја започнавме реформата за да ја подобриме струката, фелата, климата и да работиме во подобри услови. На барање на Коморта, на професорите ја одложивме примената и си дадовме јасна задача за да продолжиме со обуките со цел комплетна примена на Еврокодовите. Сакам да упатам јасна порака дека нивната примена стапува на сила септември 2024 година и нема одлагање. Доаѓаат крупни проекти во државата кои што бараат проектирање согласно овие нови процедуи и треба подготвени да ги пречекаме. Тоа е процес каде сите земји од регионот се движат во таа насока и Северна Македонија мора да биде подготвена да ги примени. Исто така сакам да спомнам дека изготвуваме нов Закон за градење и верувајте дека правиме компромис меѓу сите за да најдеме едно сеопфатно законско решение со кое повторно ќе го подигнеме градежништвото на повисоко ниво и ќе создадеме подобри услови за работа за сите вас”, изјави Благој Бочварски министер за транспорт и врски.

“Градежништвото е нашата професија која е комплесна и затоа мора да ја надградуваме. Преку вакви средби кои во следниот период ќе ги зачестиме ќе ги отвориме сите предизвици во нашето работење. Еврокодовите се дел од нашата професија и затоа преку обуки и презентации кои веќе се започнати ќе се стремиме да ги имплементираме во нашата работа. Исто така би сакала да го потенцирам и Ценовникот и Тарифникот за урбанистичко планирање преку кои за прв пат се валоризира професијата и за кои имаме огромна поддршка од Министерството за транспорт и врски”, изјави Кристинка Чулак, претседател на Комората на овластени архитекти и инженери.

Денешната конференција е во организација на Комората на овластени архитекти и овластени инженери.

Слични содржини