На голема врата работиме на подобрување на сликата за инфраструктурата во државата. Работиме на големи проекти кои земаат замав во последниот период. Граѓаните ќе увидат колку сега се работи на патната инфраструктура, а колку во минатото. Автопатот Кичево-Охрид се гради од 2014 година кога се започнати градежните активности, но при самиот проект се појавиле големи проблеми, немало клучки имало лошо испроектирани косини кои се нестабилни. Извршивме репроектирање на 25 отсто на оваа делница, ублажени се косините, испланирани се и клучките. Имаме нов проект кој бара средства за автопатот да биде реализиран. До минатата година цената на автопатот е 598 милиони евра. Репроектирањето бара ново финансирање. До сега имаме изреализирано околу 400 милиони евра, значи ни требаат уште околу 200 милиони евра за да се дореализира проектот, изјави минстерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Според Бочварски големата сума која чини автопатот е поради тоа што целиот проект е многу стар уште од 2002 година, а започнал да се гради во 2013 година, во меѓувреме, според него, се измениле условите на патот, а и не биле испланирани клучки.
-Денеска после 20 години имаме работа на терен со проект од 2002 година. Денеска цел проект е комплетен. Има постапки отворени од институции за овој автопат, за мене е важно дека сега проектот е комплетиран, направени се сите комплетни измени и се работи. Исправено е се што било проблематично за автопатот Кичево-Охрид. Во овој момент се работи на анексот за одложување на рокот на изведба, не е возможно да се стигне до крајот на годината да се заврши целиот проект, работиме на тоа да се пуштат 20 километри до крајот на оваа година. Моја проценка е дека до крајот на 2023 година да имаме нов автопат Кичево- Охрид, рече Бочварски.