Богдановиќ: Ќе се бориме да не биде изгубена битката за просторот кај „Треска“ и спроти „Холидеј ин“

од Nikola Popovski
499 прегледи

„Ние ќе се бориме да не биде изгубена битката за градење на просторот на „Треска“ и спроти „Холидеј ин“, изјави градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ за емисијата „360“.

Според него, сите институции треба да се вклучат во решавање на проблемите со ДУП-от спроти „Холидеј ин“ и на просторот на поранешната фабрика „Треска“.

„Вие имате донесени планови од претходно, кои што биле спротивни и донесени после донесен Генерален урбанистички план, со параметри од стар урбанистички план и гледате дека никој не покренува ништо. Само има најави, а се стои. Општината е последната нешто што може да направи, но таа барем прави. Јас не можам да направам чекор, со кој ќе ја заглавам општината. Ќе ги исцрпиме сите правни механизми, а кога ќе ги исцрпиме ќе дадам конечен договор“, вели Богдановиќ.

Општина Центар нема намера да се откаже од распишување на конкурс за идејно решение за изгледот на просторот кај поранешната фабрика „Треска“, иако сопствениците на парцели преку адвокат во петокот го опоменаа Советот и градоначалникот, дека ќе поднесат кривични пријави за сторени кривични дела: „Злоупотреба на службена должност и овластување“ по член 353 и „Несовесно постапување во службата“ по член 353-в од Кривичниот законик,  доколку не се прекине работата на конкурсната комисија и постапката за спроведување на конкурсно решение на приватно земјиште на наведената локација. Како што потенцираат сопствениците на парцели преку својот полномошник, кривичните пријави ќе бидат поднесени против претседателот на Советот на Општина Центар и сите инволвирани членови.

Општината и понатаму не носи одлука за суспенција на Деталниот урбанистички план кај „Холидеј ин“ во најстрогиот центар на Скопје, каде инвеститорите „Мг Фешн“ и Македонската православна црква (МПЦ-ОА) ќе градат три кули од 16, 20 и 22 ката. На последната седница на Советот на Општина Центар на дневниот ред немаше никаква точка која се однесува на суспензијата на деталните планови.

По предлог на советниците од СДСМ беше донесен заклучок за постапување по член 23 од Законот за урбанистичко планирање. Со тој заклучок повеќе не важи заклучокот донесен на 25 декември лани кога се задолжија службите да направат елаборати во кои ќе бидат наведени прекршувањата на постапките и тие ќе бидат основа за понатамошна суспензија на плановите. Сега, овие елаборати веќе не важат и службите во Општината ќе треба да прават нови.

Слични содржини