Богдановиќ: Мојот став е да се ревидира ДУП-от, но треба да се знаат и штетите, кои би ги сносила општината

од Nikola Popovski
392 прегледи

„Општина Центар ќе ги разгледа сите законски можности за да ги расчистиме недоразбирањата. Сум за да се ревидираат плановите за ДУП-от, но треба да се знаат и штетите, кои би ги сносила општината и граѓаните“, изјави градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.

Тој истакна дека се уште не се знае кога ќе продолжи Седницата на Советот на Општина Центар, за постапувањето по недоследностите на новиот Закон за урбанистичко планирање и делот за суспензија на плановите.

„Ако дојде до суспензија на ДУП-от, тоа правно може да ги стопира сите активности, кои претходно биле почнати, уште со првото решение од Уставниот суд. Во стариот Закон за урбанистичко планирање општините немаа никакво ограничување за тоа колку да трае суспензијата или неспроведувањето на плановите, ниту пак беше утврдено кој ќе ја сноси штетата доколку одредена суспензија или било каква друга одлука биде донесена.Новиот Закон за урбанистичко планирање е ограничувачки и дава рокови за ревизија/суспензија од 6 месеци за дел од ДУП и 12 месеци за цел ДУП. Доколку се пробијат роковите или пак се нанесе некаква штета при носењето на ДУП-от, одговорен е донесувачот на планот, односно Советот на Општина Центар“, додава Богдановиќ.

Водејќи се по стариот закон, во Општина Центар во сличен процес при промена на план кој што бил за одредена намена, еден од инвеститорите ја тужел државата, при што оштетата по пресудата наплатена во тој случај ја обештетила државата, а согласно новиот закон, доколку некој инвеститор поднесе тужба, оштетата паѓа на товар на општината.

Слични содржини