Кандидатот на СДСМ за градоначалник на општина Центар, Саша Богдановиќ, вети транспарентно и отчетно работење, отворена и функционална општина и одговорна и ефикасна администрација.

„Ветувам дека заедно со вас граѓаните, Центар ќе ја направиме отворена и функционална општина. Ја отвораме локалната самоуправа за да може секој граѓанин да добие навремени и квалитетни услуги. Жителите на Центар ќе ги добијат сите потребни услуги на едно место.
Јас како градоначалник ќе ги слушам и исполнувам барањата на граѓаните во креирањето на буџетот, во носењето одлуки и во контролата на власта. Секогаш ќе бидам достапен и на терен заедно ќе ги решаваме проблемите. Ќе воведеме еднаш месечно „Отворен ден за граѓаните“.
Буџетските средства ќе се користат строго наменски, транспарентно, домаќински и одговорно, преку редовно известување за сработеното. Ќе креираме интерактивна, отворена и функционална веб-страницата. Општинската администрација ќе биде одговорна и ефикасна и секогаш сервис на центарци.
Ветувам дека ако ја добијам вашата поддршка, заедно ќе го направиме Центар каков што сите го сакаме, каков што ни е потребен и каков што треба да биде-општина со широко отворени врати . Центар ќе биде подобро, посреќно и хумано место за живеење“, рече Богдановиќ.