Поранешниот градоначалник, Саша Богдановиќ реагира на едно од последните соопштенија на СДСМ упатени кон ВМРО-ДПМНЕ, во кое се спомнува и српскиот претседател Александар Вучиќ. Богдановиќ смета дека постои „србофобија кај одредени луѓе од СДСМ“.
„Последниве прес конференции на СДСМ се како да ги пишува и спрема некој задоеник со усташка НДХ идеологија, наследник на врховистичка балистичка идеја таргетирајќи еден народ и една земја која секогаш имала братски пристап према Македонија. Се напаѓа политика на независна држава, претседател на држава избран од народот, српски компании кои доаѓаат и работат во Македонија. Ваквите напади и конструкции се продолжеток на делувањето на идеали кои не биле препознатливи за партија која негувала антифашистичка идеологија“, истакнува Богдановиќ.
Тој додава дека како припадници на српската заедница секогаш давале придонес за развој во разни полиња во државата и така ќе биде и во иднина но, очигледно, како што вели, „на некоја група во СДСМ која најверојатно треба да се докаже на некој србофоб и србомрзец свесно од рани утрински часови па до доцна навечер во скоро секоја втора или трета објава споменува српски, Србија, Срби итн“.
-Мислам дека треба во иднина преку правни механизми да се избориме против дискриминацијата и србофобијата која очигледно владее кај одредени луѓе во СДСМ, стои во објавата на Богдановиќ кој летово изјави дека уште лани пред парламентарните избори, се отчленил од СДСМ.
СДСМ вчера преку соопштение упатено кон членот на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, го спомна и Вучиќ. Пораача дека „српскиот претседател осмисли посебна функција во партијата кога не знаеше што да прави со луѓето кои ништо конкретно не знаеја да работат, само филозофираа, па ги нарече „ботови“. Од партијата додадоа дека Манаеиевски е, како што го нарекоа, „Манасије српски – првиот македонски бот“.
-Ете уште една нова професија преземена од Белград, од нивниот шеф Вучиќ. Како што стојат работите, наскоро очекуваме ВМРО Ванчовистичка да го додаде и она „СНС“ помеѓу ДПМНЕ, стоеше, меѓу другото, во соопштението од партијата на Венко Филипче.