Екс-градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ ја продолжи дискусијата во врска со сообраќајните режими за Дебар Маало и Парк откако викендов од актуелното раководство порачаа дека размислуваат за пилот-проект кој веќе е готов и со кој се предвидува Дебар Маало да биде затворено за сообраќај од петок, од 18 часот до понеделник до 6 часот.
-Втор важен документ што во 2021 година го донесе Општина Центар со цел да се ослободат тротоарите како дел од сообраќаен коловоз беа правилниците и плановите со микролокации за издавање на одобренија за користење и поставување на урбана опрема. Први одлуки се донесоа за Дебар Маало, Парк и Мал Ринг. Со тоа Општина Центар беше единствена скопска општина што започна да ги презема ингеренциите од Градот Скопје и со тоа сама да одлучува за урбаната опрема на местата и улиците кои се под нејзина ингеренција, порача Богдановиќ.
Со тие одлуки и правилници, како што тврди, се помина уште една фаза за регулирање на сообраќајот посебно на тротоарите со што се оневозможи друга институцуја да одлучува за проодноста на тротоарите.
-Без ослободени тротоари не можеме да зборуваме за слободна територија за движење. На сликите може да се види како било пред донесување на правилниците и програмите и пред спроведување на дело на сообраќајните и инфраструктурните проекти.
1. Орце Николов заробен со паркирање под 90 степени и Орце Николов ослободен со организирано надолжно паркирање.
2. Кеј 13 ноември пред донесување на правилници и програма и пред започнување на реконструкција со инфраструктурен проект и после тоа, стои во објавата на екс-градоначалникот.
Богдановиќ вчера порача дека актуелното раководство на Општина Центар немајќи никакви идеи и проекти со кои може да се пофали дека ги изреализирала во изминативе четири години но, и свои сопствени идеи и проекти за наредните четири години, почнаа од архива да вадат проекти кои ги изработило претходното раководствo после 2018 година.
Според него, без реализација на инфраструктурниот и сообраќајниот проект за улица „Мирослав Крлежа“, а потоа и довршување на вториот дел на „Ленинова“ од булевар „Партизански одреди“ до Министерството за земјоделие, забрана за движење на возила низ Дебар Маало е невозможна.
-Немањето на сопствени проекти и идеи го тера градоначалникот да вади од шкафовите проекти кои се правени после 2018 година. Ама веќе е доцна, стои меѓу другото во објавата на поранешниот градоначалник.