Богдановиќ за затворањето на улиците во Дебар маало: Немањето на сопствени проекти го тера градоначалникот да вади идеи од шкафовите кои се правени после 2018

од Nikola Popovski
42 прегледи

Деновиве актуелна тема е затворањето на улиците во Дебар маало за динамичен сообраќај и претворање на улиците во пешачки и велосипедски патеки и дека за истата идеја општина Центар има изработено сообраќаен проект и дека после изборите ќе премине во разговор со Град Скопје и МВР за да истиот се реализира. Сепак, според екс-градоначалникот Саша Богдановиќ, вистината е друга. Вели дека актуелното раководство на Општина Центар немајќи никакви идеи и проекти со кои може да се пофали дека ги изреализирала во изминативе четири години но, и свои сопствени идеи и проекти за наредните четири години, почнаа од архива да вадат проекти кои ги изработило претходното раководствo после 2018 година.

-Воедно доволно е да се видат програмите во последните четири години и ќе видиме дека НИТУ ЕДЕН проект не е изработен ниту започнат ниту пак планиран за сообраќајот низ општина Центар а најмалку за Дебар маало. Станува збор за проект направен после 2018 година кој е стратешки документ за подобрување на динамичниот и стационарниот сообраќај во Дебар маало, објави Богдановиќ.

Според него, без реализација на инфраструктурниот и сообраќајниот проект за улица „Мирослав Крлежа“, а потоа и довршување на вториот дел на „Ленинова“ од булевар „Партизански одреди“ до Министерството за земјоделие, забрана за движење на возила низ Дебар Маало е невозможна.

-Немањето на сопствени проекти и идеи го тера градоначалникот да вади од шкафовите проекти кои се правени после 2018 година. Ама веќе е доцна, стои меѓу другото во објавата на поранешниот градоначалник.

Проектот предвидува Дебар Маало да биде затворено за сообраќај секој викенд, почнувајќи од петок во 18 часот до понеделник во 06 часот наутро. Во овој период, влезот на возила ќе биде контролирано ограничен преку поставување рампи на четири клучни локации: улиците „Орце Николов“, „Ленинова“, „29 Ноември“ и булеварот „Климент Охридски“. Влез ќе биде дозволен исклучиво за жителите на Дебар Маало кои ќе добијат специјални дозволи (картички), додека за останатите граѓани ќе важи ограничување: ќе можат да влезат со возило, но само привремено – во рок од 15 минути.

Слични содржини