Богоев бара сеопфатно обединување на СДСМ: „Во спротивно може да произлезе нов субјект покрај ЗНАМ или десетици независни листи за советници по општините“

од Nikola Popovski
108 прегледи

Директорот на Царината и член на СДСМ, Стефан Богоев ќе бара од новиот претседател на партијата веднаш да започне со сеопшто обединување, особено генерациско, на социјалдемократските редови. Според Богоев, треба да се престане со „муабетите од типот -млади сте, имате време или -ај бе тој е стар, што бара сега- или скопско, струмичко, прилепско и не знам какво крило“.

Довчерашниот потпретседател на партијата од „Бихаќка“ смета дека обединувањето мора да оди со давање шанса на способни и лојални луѓе на сите нивоа, „од раководство и ЦО, до општинска и месна, без разлика дали некој тие луѓе ги смета за “мои луѓе” или не“.

-Кога членството ќе види такви луѓе на позиции, ќе се роди надеж и луѓето повторно ќе се вратат во партијата. Во спротивно, од СДСМ може да произлезе нов политички субјект (покрај ЗНАМ) или десетици независни листи за советници по општините на локални избори, исто така произлезени од и на штета на СДСМ. Тоа за нашата партија ќе биде фатално, предупредува Богоев.

Како што додава, мандатот на новиот претседател на СДСМ ќе биде до март 2025 година, а дали ќе добие нов или не ќе зависи токму од успешноста на овој процес.

Ексминистерот за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска, директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски и заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, веќе „трчаат“ во трката за нов лидер на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Повикот за избор на нов лидер беше објавен откако СДСМ доживеа катастрофален пораз на парламентарните избори на 8 мај, кога освои вкупно 18 пратенички места. На изборната вечер, партискиот лидер во заминување Димитар Ковачевски најави оставка и повика на нови внатрешни избори на сите партиски тела, на централно и на локално ниво.

Внатрепартиските избори во СДСМ се закажани на 30 јуни.

Слични содржини