Богоев: Работиме на побрзи процедури за царинење и олеснување на трговијата

од Nikola Popovski

Царинската управа работи на конкретни мерки и активности што ќе резултираат со скратено време на завршување на процесите за царинење и помали трошоци за компаниите. Секој ќе има придобивки од овие политики, бидејќи се клучни за генерирање повисок и одржлив економски раст, истакна директорот на Царинската управа, Стефан Богоев на настан по повод одбележување 20 годишен јубилеј од основањето на Макам-Транс на кој присуствуваше заедно со заменик директорот Муарем Асани.

„Царинската управа работи на спроведување ефективна трговска политика која ќе биде изградена врз темелите на аспирациите за членство во Европската Унија и функционирањето на единствен пазар. Во оваа насока сме насочени кон целосно хармонизирање на царинската легислатива со европското законодавство, дигитална трансформација и замена на постоечките ИТ системи со нови системи кои се применуваат во ЕУ, модернизација на премините и борба со криминалот, сузбивање на сивата економија и корупцијата. Побрзото спроведување на процесите значи и побрз влез во ЕУ и оттаму нашата одговорност е спроведување мерки во линија со европските цели. Притоа, мерките за економска интеграција и подобрување на условите за инвестирање ќе бидат клучни”, кажа Богоев.

Во моментов како што потенцира Богоев, Царинската управа работи на имплементација на нов национален едношалтерски систем, при што сите процеси за царинење ќе се завршуваат од едно место.

Во делот на модернизација на премините, како клучни проекти ги наведе воспоставените заеднички гранични контроли на Табановце, Ќафасан, а наскоро и на Блаце со Косово. Во оваа насока, проширен е сообраќајниот премин на Табановце, а во моментов, како што рече, се работи на реализација на Проектот за модернизација и проширување на преминот Деве Баир. Со средства од ИПА на влез на граничниот премин Богородица се работи и на замена на старата со нова дигитализирана вага за товарни возила.

„Ова се само дел од мерките што се спроведуваат во насока на унапредување на трговската политика што ќе придонесе за олеснување на трговијата, зголемување на конкурентноста на македонската економија, а истовремено се испраќа позитивен сигнал за странските инвеститори во нивните одлуки за инвестирање во нашата држава. Како ефикасен сервис за македонското стопанство, континуираниот дијалог со бизнис заедницата е многу значаен за постигнување напредок и креирање мерки во насока на градење просперитетно општество”, потенцира Богоев.

Слични содржини