Богоев: Важно е да обезбедиме подобри услови за почеток на учебната година

од Aleksandar Petrovski

Денеска, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и дел од службите на локалната самоуправа имаа координативна средба со директорите на сите училишта.

Работиме на спроведување на подобра интернет врска во училниците (од каде што наставниот кадар ќе држи настава), набавка на дополнителна ИТ опрема и компјутери, како и скалест распоред за организирање на е – наставата.

Во подготовки сме и за ребаланс на Буџетот на Општината, со што ќе овозможиме повеќе средства за образованието и за најмладите.

Оваа година, како резултат на Ковид – 19 не се одржа „Карпошово културно лето“ и Меморијалниот турнир во мал фудбал „СОКОЛ“. Ова се важни локални настани за граѓаните, но денеска, поважно е да обезбедиме подобри услови за почеток на учебната година, рече Богоев.

Градоначалникот информираше дека и текот на воспитно – образовниот процес во градинките се одвива без поголеми проблеми.

Единиците на локалната самоуправа примарно се одговорни за инфраструктурата во основните училишта. Од овој аспект, Карпош прилично работеше на санации и реконструкции во летниот период (реконструкции на кровни површини, реновирање и адаптација на училници).

Стартот на учебната година е покомплексно прашање, но ова е период кој бара одговорност од сите чинители кои се дел од воспитно – образовниот процес, се вели во соопштението на општина Карпош.

Слични содржини