Богоевски: Прашањето за попреченост ги допира сите, затоа што никој не е поштеден од можноста уште денес да биде тој или некој близок со попреченост

од desk4
227 прегледи

„Со инвестирање во пристапно општество инвестираме во својата иднина и иднината на нашите блиски. Прашањето за попреченост ги допира сите, затоа што никој не е поштеден од можноста уште денес да биде тој или некој близок со попреченост. 15 до 20 посто биле, се и ќе бидат лица со попреченост, тој факт е непобитен. Попреченоста се случува ненајавено, во дел од секунда за миг и тука не може ништо да се направи. Но тоа не е воопшто страшно, не е за поместување од стол, пу пу и не дај боже. Затоа што животот може да биде и квалитетен и исполнет и покрај попреченоста. Ама тоа зависи исклучиво од пристапноста на општеството“, смета авторот на книгата „Политичка партиципација на лицата со попреченост“, Теодор Богоевски. 

Според Богоевски, инвестирањето во пристапно општество, покрај превенција, носи и многу други бенефиции.

Претседателот на државата Стево Пендаровски смета дека „креирањето на амбиент во кој лицата со попреченост ќе ги имаат сите права, претпоставува и нивно партиципирање во политичкиот живот и секако, во процесите на одлучување.

„Би сакал само да истакнам дека покрај научниот, систематски и длабоко осмислен пристап на авторот, посебна тежина на делото му дава и фактот што како лице со попреченост Теодор Богоевски во неа суптилно ја вткајува и својата лична приказна, личните сведоштва, емоции и дилеми. Токму таа автентичност е дополнителна вредност на книгата „Политичка партиципација на лицата со попреченост“. Подобрувањето на положбата на лицата со попреченост нема да се оствари само со подобрување на легислативата или со подигнување на стандардите и нивно доследно имплементирање, ниту само со вклучување на лицата со попреченост во процесите на одлучување. За градење на вистински инклузивно, демократско и хумано општество неопходно е секој од нас да ја негува емпатијата, солидарноста и почитта кон овие наши сограѓани“, рече Пендаровски на промоцијата.

Книгата на Богоевски е инспирација за секој од нас, порача

Според премиерот Димитар Ковачевски, книгата носи и животна вредност од посебна важност за сите нас, за да не потсети колку лицата со попреченост се инспирација за секој од нас, како и за тоа колку е важно тие да бидат активно вклучени во одлуките кои се однесуваат и влијаат на нив и нивниот живот.

„За мене ова дело претставува повик до сите нас да ги вложиме нашите напори и преземеме чекори за поголемо активно вклучување на лицата со попреченост во процесите од нивен интерес затоа што тие ја имаат уникатната способност да ги лоцираат системските бариери“, рече Ковачевски.

Претседателката на Инженерската институција на Македонија и актуелен проректор на УКИМ Христина Спасовска, образованието за лицата со попреченост стана важно прашање во последните децении, бидејќи бројот на лица со попреченост продолжува да расте, а пристапот до образовните можности останува нееднаков.

„Според Human Rights Watch, во светот има стотици милиони луѓе со попреченост на кои им е скратено правото дури и на основно образование. Ова значи дека голем број лица со попреченост, поради неможноста да се школуваат, го губат и правото на квалитетно вработување и сопствена егзистенција. Конвенцијата за правата на лицата со попреченост има цел да го реши токму ова прашање, поставувајќи обврска државите да го почитуваат, заштитат и исполнуваат правото на образование на лицата со попреченост преку спроведување на „инклузивно образование“. Во суштина, инклузивното образование е пристап кој ги става сите ученици во иста средина и поттикнува нивна соработка заснована на почитување. На тој начин се обезбедуваат можности за учење кои одговараат на потребите на секој студент поединечно“, рече Спасевска.

 

Слични содржини