Богоевски за 27 април: Благодарен сум им на Албанците кои не одговорија на тоа што сакавте да го убиете Села

од Nikola Popovski
353 прегледи

„27. април не е само Крвавиот Четврток. 27. април не е само еден ден од годината. Тоа е симболот на колективното лудило и безумие кое владее со нашата држава веќе 30 години. Тоа е симболот на нашата (не)зрелост и (не)способност да се справуваме со проблемите и фрустрациите на цивилизаран и достоинствен начин“, вака ја коментира поранешниот пратеник од СДСМ, Павле Богоевски, 4-годишнината од крвавите настани на 27-ми април 2017 година.

Според него, овој ден нема никаква врска со Тиранската платформа. Нема врска со „лошите Албанци, Грци и Бугари“, ниту со „македонските предавници и соросоиди“ кои ја спроведуваат „глобалистичката агенда за разнебитнување на македонската нација“.

„Овој ден, браќа и сестри Македонци – е само наш. Не бидејќи Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците, Србите, Власите и другите не беа подеднакви жртви на тој грозоморен чин – туку дека тој ден тие покажаа зрелост која ние се’ уште ја немаме. Вечно ќе им бидам благодарен на Албанците во Македонија бидејќи не одговорија на вашата провокација да се обидете да го убиете Села и да предизвикате граѓанска војна. Нам пак, се’ уште ни фалат измислени противници, ветерници и непријатели со кои ќе мора да се бориме за да се чуствуваме подобро и помоќно во сопствената кожа.

А најтрагичниот дел во целава приказна е дека тоа проклето чуство на гнев и обесправеност, колку што е реално поради нашиот трнлив пат на државотворност, уште повеќе е вештачко и всадено од страна на болни политички умови на кои не им е важно колку македонска крв ќе се пролее за да останат или дојдат на власт, за да ги прикријат своите криминали и за кукавички да си ги спасат своите кожи од последиците на своите дела.

Знаете зошто користевме боја на таа Шарена Револуција која толку голем дел од нас денес толку ревносно ја плукаат? Бидејќи во 21. век, и една капка крв е превисока цена за реализација на полтичка цел. Бидејќи денес може, и треба поинаку. Многу мал дел од јавноста го знае ова – но за време на Шарената Револуција, најголемата и најтешката борба не беше против режимот на ВМРО. Барем за мене, најтешката борба беше во нашите редови – помеѓу оние кои не сакаа да пролеат ниту една какпа крв и помеѓу оние кои сакаа да има крв до колена по улиците додека тие си мафтаат со црвените знаменца од страна. Останатото – беше само спроведување на одлуките и издржување на теророрт од страна на чизмата на вмро до моментот на нивното паѓање.

За среќа, тогаш победивме ние – и како резултат на тоа, од моментот кога беше фрлен првиот балон со боја па се до конечното паѓање на режимот – немаше ниту еден повреден полицаец. Имаше повредени активисти на протестите, имаше повредени пратеници, новинари и вработени во Собранието на 27. април – но ние на тоа одолеавме и достоинствено се исправивме пред крволочните чудовишта, велејќи им: Ние не сме вие. Ние сме поинакви и подобри, бидејќи може и треба така.
А луѓето кои тогаш заговараа граѓанска војна во име на режимот и кои агитираа за крв до колена во име на некаква си „борба за слобода“ – и денеска повикуваат на војни и крвава одбрана од непостоечки закани. Овој пат обединето и солжно, нешто што го криеја пред четири години.
И за крај – знам дека не сите Македонци, дури и дека мнозината не се оние луѓе кои ги опишувам погоре. Но, браќа и сестри Македонци, мораме еднаш и засекогаш да признаеме дека во нашата нација имаме сериозен проблем кој нема никогаш да го решиме доколку искрено не се исправиме пред него.

Многу сакам оваа објава да ја завршам со зборовите „27. април – никогаш повторно!!“. Но, гледајќи што се случува и колку успешно се менуваат сеќавањата и свеста за тоа што навистина се случи, за жал не верувам дека најлошото е зад нас“, стои во објавата на Богоевски.

Слични содржини