Богојески сака да се „толчат“ левичари во Македонија, доби соодветен одговор

„Коментаров како и секој е ужасен и заканувачки...како ако некој е со вас, треба да се убие и е крив за секое убиство низ светов? Оди бе легни си“, стои во еден од коментарите на неговиот пост.

од Vladimir Zorba
86 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин

Партнерот на ВМРО-ДПМНЕ во Владата на Македонија, Петар Богојески од Македонски концепт, во пост на социјалната мрежа Фејсбук повика на „толчење на левичарите“ во Македонија и САД.

Неговата заканувачка реакција кон оние во земјава кои се со различна идеологија од самиот Богојески, дојде по синоќешното убиство на Чарли Кирк во САД, поддржувач на американскиот претседател Доналд Трамп.

„УБИЕН Е Чарли Кирк, срцето на новата Америка! Го уби гнасна левичарска рака… која мора да биде столчена низ цел свет, особено во Македонија и САД! Бог да помогне на неговото семејство, да останат живи неговите зборови и американската конзервативна заедница, која ја предводеше“, порача Богојески.

Сепак, поранешниот неуспешен реформатор на ВМРО-ДПМНЕ наиде на неодобрување од оние кои го следат на оваа социјална мрежа.

„Коментаров како и секој е ужасен и заканувачки…како ако некој е со вас, треба да се убие и е крив за секое убиство низ светов? Оди бе легни си“, стои во еден од коментарите на неговиот пост.

„Хитлер го запали Рајстагот за да вината ја префрли на левицата, така да историјата е чудесно место за учење на пропаганда и пренасочување на вниманието“, поентира друг.

Некои отидоа подалеку и му порачаа „да го смени дилерот“.