Лидерот на Македонски Концепт, Петар Богојески испратил јавно писмо до потпретседателот на Европската комисија, Жозеп Борел.
-Со внимание го следам развојот на настаните во Европската Унија, а кои се однесуваат на политиката на реформирање и проширување. Истите имаат дирекно влијание и катализираат ЕУ песимизам во Македонија, што лично мене, но и нашата политичка партија Македонски Концепт, како ЕУ фундаменталисти, исклучително не загрижуваат.
Во таа насока допринесуваат и заклучоците од последниот Самит на Берлинскиот процес во Тирана, со кои се става знак на равенство помеѓу земјите кои премногу направиле и жртвувале за интеграцијата во ЕУ, како што е мојата Македонија, со земјите кои сеуште се извозници на нестабилност и етнички шовинизам во регионот, како Косово. Ставање на Македонија во пакет со Косово, е поголема неправда од таа со која не ставивте во пакет со Албанија и ја спречивте нашата брза интеграција во Унијата, после потпишувањето на Преспанскиот договор, порачал Богојески.
Вели дека како партија очекуваат од Борел да не го повлекувате „европскиот потпис на Преспанскиот договор, под притисок на албанскиот и бугарскиот етнички шовинизам на Балканот“.
-Вие подобро од мене знаете дека евентуалното одлагање на почеток на преговори со Македонија, е директно суспендирање на Преспанскиот договор и тоа значи одлагање на неговата имплементација, што всушност е и главна цел на бугарската дипломатија.
Вие подобро од мене знаете дека условите кои и ги поставувате на Македонија со т.н. „француски предлог“ се антипод на шестте фундаментални вредности во кои заедно сме убедени, а врз база на кои е создадена самата ЕУ.
Ова писмо ви го испраќам, не со амбиција да ја корегирам вашата политика, свесен за својата и за тежината на нашата партија на домашната политичка сцена, туку да ви понудам компромисно решение помеѓу ЕУ и Македонија. Очекувам истото сериозно да го разгледате како решение за реален почеток на интегративниот процес, на кој вие како Унија се обврзавте како гарант на Преспанскиот договор, стои во писмото на Богојески.
Се додава дека компромисот се состои во „ваша одлука за брза интеграција на Македонија во ЕУ преку издвојување од т.н. „косовски пакет за интеграција“, а Македонија од своја страна само еднаш ќе го промени својот Устав со цел влез во ЕУ“.
-Тоа ќе отвори јасна перспектива за мојот народ и надеж дека преку целосна поддршка на вашиот процес на реформирање на Унијата и трпеливо работење на темелно реформирање на Македонија, сепак еден ден ќе станеме „асоцијативна членка“ на ЕУ, со оглед на тоа дека повеќе нема да прифаќате „полноправни членки“.
„Скалестото интегрирање“ е прилика веднаш да отворите можности на заедничкиот европски пазар за македонскиот бизнис и поддршка на нашиот реформски процес од пристапните фондови. Секако и можност македонските граѓани да учествуваат на пазарот на трудот на ЕУ со македонски пасоши, без да има потреба да купуваат алтернативни пасоши на некои од земјите членки на Унијата.
Со ова, ќе ги засилите политичките опции во Македонија, кои поддржуваме интеграција во ЕУ, драстично ќе опадне ЕУ песимизмот, а тој македонски оптимизам сериозно ќе придонесе кон решавање на останатите отворени прашања на Балканот, вклучително и косовското, му напишал Богојески на Борел во писмото.