Бојмацалиев: Спроведувањето на европски избори е одраз на нашата зрелост како демократско општество

од Stefanija Kuzmanovska
249 прегледи

Денеска стартува техничката Влада на Република Северна Македонија, задолжена за спроведување на фер и демократски изборен процес, а во која ја извршувам должноста дополнителен заменик министер за внатрешни работи, изјави дополнителниот заменик министер за внатрешни работи од редовите на СДСМ, Митко Бојмацалиев.

„Во овој контекст, сакам да ги истакнам моите и напорите на мојот тим за заштита на личните податоци на граѓаните и за зајакнување на капацитетите на полицијата, со цел обезбедување на мирен тек на изборите. Со подготвеноста и професионалноста на вработените, нашата задача е да обезбедиме транспарентен, фер и слободен изборен процес, во кој секој граѓанин ќе може слободно да го изрази своето мислење и право на избор“, истакна Бојмацалиев.

Во оваа прилика, дозволете да бидам категоричен, додава тој, очекувам работење исклучиво по закон од страна на вработените во МВР.

„Вие не должите никому ништо и очекувам да не подлегнувате на било каков притисок или уцена. На крајот, сакам да истакнам дека спроведувањето на европски избори е одраз на нашата зрелост како демократско општество. Тоа е доказ за нашата посветеност кон демократските вредности и нашиот напредок кон Европската Унија“, подвлече Бојмацалиев.

Да организираме европски избори како што беа и претходните и со заеднички напори да продолжиме да градиме силна, стабилна и демократска Република Северна Македонија, со гарантиран пат кон Европската Унија, порача дополнителниот заменик министер за внатрешни работи.

Слични содржини