Вчера беа регистрирани нови 1.216 случаи, а починаа 15 лица од Ковид 19.Најголем дел од заразените се од Скопје, Прилеп и Битола.
Министерот за здравство Венко Филипче очекува вакцините од „АстраЗенека“ да стигнат на 31 март и 15 април, додека кинеските вакцини на 31 март.
Тој нагласи дека системот е подготвен и точно се знае како ќе се одвива вакцинирањето. Оцени дека земјава има балансиран систем на рестрикција во кој е исклучително важна индивидуалната одговорност и оти следниот период до почеток на следната недела, има простор да се направи проценка на резултатите од сегашниот полициски час.
Три клиники стануваат ковид центри
Три нови клиники се пренаменуваат во ковид центри. Клиниката за торакална хирургија, Клиниката за кардиологија и Клиниката за пластична хирургија стануваат ковид центри, со дополнителни 100 кревети за лекување на ковид пациенти.
Лекарската комора бара дополнителни рестриктивни мерки
Лекарската комора апелира до Комисијата за заразни болести сериозно да го земе предвид воведувањето на дополнителни рестриктивни мерки и протоколи, бидејќи капацитетите на болниците се речиси исполнети, а намалениот број на здравствени работници влијае на квалитетот на здравствената нега што ја добиваат пациентите.
„Свесни сме за фактот дека овие мерки се крајно непопуларни, но во интерес на одржливост на болничките капацитети и зачувување на јавното здравје, како здравствени професионалци, сметаме дека нивното воведување е повеќе од потребно“, велат од Лекарската комора.
Согласно вчерашните податоци, на инфективните оддели во Скопје и во болниците во другите градови во земјава се лекуваат 1193 пациенти со Ковид-19 и во ковид- центрите има околу 290 празни болнички кревети, соопшти Министерството за здравство. Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 71 пациент поради компликации од коронавирусот. Вкупно 514 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Голем број од пациентите се на кислородна поддршка.