
Поранешниот советник на претседателот на САД за национална безбедност, Џон Болтон изјави за албанскиот портал „Факсвеб“ дека прашањето за „корекција на границата“ во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина не е негова идеја.
Според порталот, Болтон соопштил дека има индикации дека претставниците на Белград и Приштина сакале да ги „решат прашањата“ уште во 2018 година, затоа што виделе дека не можат да постигнат вистински економски развој сè додека не се нормализираат односите.
„Беше многу контроверзно во тие држави, но ми се чинеше дека вреди да се вложи напор. Една од работите за кои разговараа беше можноста за размена на територии“, рече Болтон.
Болтон рече дека оваа идеја е дочекана со гадење од Германија, Западна Европа, но и во одредени делови на Балканот.
„Мојата идеја не е размена на територии, но лидерите на Косово и Србија тоа го побараа. Мислев дека мора да се преземат одредени чекори на Балканот и Источна Европа. Прво, да се намали руската вклученост. На Балканот, реков дека опасноста останува со нерешени спорови, тоа е плодна земја за некој што може да создаде конфликти“, рече Болтон.
Минатиот месец специјалниот претставник на американскиот претседател за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел, изјави дека идејата за размена на територии потекнува од Болтон, а не од американскиот претседател Доналд Трамп.