Личниот однос на американскиот претседател Доналд Трамп со рускиот лидер Владимир Путин е мистерија, напишал поранешниот советник за национална безбедност на САД, Џон Болтон во своите мемоари, кои се во продажба од денес.

„Што се однесува до оценката на Путин, тој (Трамп) не изрази мислење на никого, барем не пред мене. Никогаш не прашав што мислеше Трамп, веројатно се плашеше од она што можеби ќе го слушнам. Неговиот личен однос со рускиот лидер остана мистерија“, напиша тој.
Болтон во својата книга наведува дека Путин јасно ги познава националните интереси на Москва, поради што не им било дозволено да го остават американскиот претседател Доналд Трамп сам со него.
„Путин ме зачуди, затоа што тој е целосно обучен за сè, мирен и самоуверен, без оглед за какви економски и политички прашања се дискутираше во Русија. Тој целосно ги знаеше приоритетите на Москва во областа на националната безбедност. Не сакав да го оставам Трамп во просторија, сам со него“, рече Болтон.
Тој посочува дека рускиот лидер оставил таков впечаток врз него по средбата пред самитот Русија-САД во Хелсинки во 2018 година.
Болтон поднесе оставка како советник за национална безбедност минатиот септември. Трамп тогаш рече дека Болтон направил неколку грешки и дека тие не се согласуваат за пристапот кон Северна Кореја и Венецуела. Книгата на Болтон наречена „Соба во која сè се случи: Сеќавајќи се на Белата куќа“ излезе во продажба во САД, во која поранешниот функционер фрла светлина на најконтроверзните и отворено срамни страници од биографијата на Доналд Трамп како претседател.
Американскиот претседател неодамна на Твитер напиша дека мемоарите на неговиот поранешен соработник се „компилација од лаги“.