Болтон: Со враќањето на Трамп може да се врати опцијата за размена на територии меѓу Србија и Косово

од Nikola Popovski
55 прегледи

Поранешниот американски советник за национална безбедност, Џон Болтон во изјава за регионалната „Teve 1“ порачал дека со доаѓањето на Доналд Трамп на власт во САД, може да се врати опцијата за размена на територии меѓу Косово и Србија.

„Идејата за размена на територии меѓу Косово и Србија прв ми ја предложи поранешниот премиер на Велика Британија, Тони Блер. Потоа разговарав за ова прашање со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи. Сметав дека оваа опција е во интерес на стабилноста на Балканот за да се најде решение за незавршените конфликти“, рекол Болтон.

По победата на изборите, Трамп повторно ќе ги води САД како претседател, а Болтон не ја исклучува можноста идејата за размена на територии да се врати на преговарачка маса.

„Мислам дека за време на вториот мандат на Доналд Трамп може да се врати идејата за размена на територии. Но, ова бара подготвеност на Косово и Србија за да се придвижат напред кон подобра иднина. Според мене, овој договор не би претставувал ризик за другите земји во регионот бидејќи би бил договор само меѓу Косово и Србија со согласност на двете страни“, изјавил американскиот дипломат.

Тој зборувал  и за геополитичките промени, тврдејќи дека Русија претставува „опасност за регионот на Западен Балкан“.

„Не се сомневам дека Русија е заинтересирана за создавање немири во балканскиот регион од различни историски причини. Војната во Украина не им оди толку добро, но нивните амбиции се поголеми. Затоа е многу важно Косово и Србија да најдат договор. Граѓаните на двете земји мора да бидат подготвени да прифатат тешки решенија за посигурна иднина. Од САД не може да се очекува сами да ги решат проблемите. Моето прашање е дали Косово и Србија прават доволно за да ги надминат своите проблеми“, заклучил Болтон.

Слични содржини