По денешното разменување на „бомби“ помеѓу двата спротивставени табори на политичката сцена, може да се заклучи дека се разликува содржината на аудијата, а на кои наводно се слушаат гласовите на лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ – Зоран Заев и Христијан Мицкоски.
На снимката на која наводно е Мицкоски се зборува за земање пари од осомничени за криминални дејствија, како бизнисменот Орце Камчев („Империја“) и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков („Таргет-Тврдина“, „Империја“, „Тортура“), додека на тие на Заев се зборува за постапки од кои нема никаква последица.
Мицкоски открива на Зоран Милевски Кичеец, обвинет за случајот „Рекет“, дека Мијалков и Камчев се финансиери на партијата и дека двајцата инвестирале пари за да може ВМРО-ДПМНЕ да продолжи да функционира. Содржината на снимките во кои наводно е Мицкоски отвора сомнежи за нелегално финансирање на партијата, нешто што веќе е познато, со оглед дека се водат судски процеси против функционери од партијата („Талир“). Тој директно споменува дека Камчев и Мијалков му дале пари за приврзаници да пристигнат на митинг и за комунални трошоци. Со оглед дека никој од Камчев и Мијалков не се огласи дека финансирањето е легално и пријавено, останува дилемата дека парите не се влезени во ниту една евиденција. Тоа самото по себе значи дека Обвинителството треба да отвори истрага.
Лидерот на СДСМ, Заев пак зборува на соговорник за „Шарената револуција“, и изнесува мислење дека „шарените“ нема да прават партија и ако дојдат во коалиција со СДСМ ќе „настрадаат“, дека тој ќе им се одмаздел. Нема содржина на снимката која упатува како ќе го направи тоа и кому. Сепак ништо од ова не повлекува криминална одговорност, дури и во изминатите четири до пет години јавноста не познава случај дека Заев се одмаздил некому или му сторил нешто, само затоа што му пристапил на СДСМ или на коалицијата.
Веќе се јавија и двајца од неговите коалициски партии, Љубе Бошкоски (Обединети за Македонија) и Горан Мисовски (НСДП), кои велат дека соработката во изминативе години е одлична.
„Груевски и Мијалков газеа врз моето достоинство, не Заев. Јас сум во коалиција со Заев и три години влакно не ми фали“, посочи поранешниот министер во владата на ВМРО-ДПМНЕ.
Во секој случај, црната изборна кампања продолжува, а како што се приближува нејзиниот крај, можеме да очекуваме нови „бомби“ и меѓусебни обвинувања.