Бомгартнер: Ставот на Франција е јасен – безрезервна поддршка за отворање на преговорите со С.Македонија

од Берта Китинска

Францускиот амбасадор во земјава Сирил Бомгартнер вели дека ставот на Франција е јасен и не е нов во однос на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.

– Истиот став го делат и сите европски институции, а тоа е – безрезервна поддршка за отворање колку што е можно побрзо на претпристапните преговори и за Северна Македонија и за Албанија, изјави Бомгартнер.

Во однос на тоа дали смета дека новиот пристап во дијалогот меѓу Скопје и Софија ги дава посакуваните резултати, тој вели оти станува збор за работа што е во тек, за којашто преговараат двете земји, но оти го охрабрува раздвижувањето на разговорите.

– Она што е јасно е што навистина постои нов пристап во преговорите што беше посакувано од двете страни, се води дијалог на највисоко ниво и тој дијалог е интензивен. Во овој момент навистина постои билатерална работа за која што се преговара за конкретни теми. За нас, Франција, земја која што претседава со Советот на ЕУ е многу важно да бидеме редовно и постојано информирани за сите прашања. И токму тоа се случува. Има постојан дијалог меѓу двата главни града, постојано информирање, особено преку заемните посети на високо ниво. Има совршена координација и меѓу нас Европејците и европските институции, рече Бомгартнер.

Слични содржини