Бонева добива пари од Агенцијата за вработување по основ „Бенефиции за невработени лица“

од Aleksandar Todeski

Поранешната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ и поранешен член на Државната изборна комисија, Силвана Бонева, од 2019 година зема пари од канцеларијата на Агенцијата за вработување во Струмица по основ 473110, односно „Бенефиции за невработени лица“.

Ова го покажува алатката „Отворени финансии“, на која освен големите патни трошоци како пратеничка и бонусите кои како член на Државната изборна комисија ги земаше Бонева, може да се види и овој основ на добивање државни пари.

Специјалното јавно обвинителство отвори случај за Бонева наречен „Друмарина“, во кој е осомничена дека како пратеник во Собранието во периодот од јуни 2012 до декември 2015, приложила 843 фискални сметки кои наводно ги зела одејќи на релација од својот дом во Струмица до Скопје, меѓутоа обвинителството собрало докази дека таа имала сместување во главниот град и дека нејзиното возило поминало 100.000 километри помалку отколку што требало да има изминато ако навистина секој работен ден патувала. СЈО пресметало дека на овој начин Бонева направила измама што го чинела Собранието некаде околу 100.000 евра.

Од ДИК пак, таа добила околу 24.000 евра за патни трошоци за две години. Членовите на Комисијата, меѓу кои и Бонева самите си доделија и бонуси, случај кој го обелодени тогашниот амбасадор на САД, Џес Бејли, а по што сите членови на ДИК си поднесоа оставки.

 

Слични содржини