Владејачката ВМРО-ДПМНЕ се подготвува за историски резултат на локалните избори, со цел да ја продолжи реформската агенда која е почната, вели премиерот Христијан Мицкоски. Тој на опозицијата и предвидува пораз во најголемиот дел од општините. По изборите очекува конструктивност во Собранието и аргументирани дебати. Мицоски, изјавите на лидерот на опозицијата Венко Филипче дека владејачката коалиција не успеала да обезбеди мнозинство за клучните законски решенија и Изборниот законик, ги отфрли како партиски фолклор без дебата и предлози.
Обидите да се третираат Албанците како пазарна категорија се навредливи и недемократски-оценува потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи. Додава дека во јавните пораки премиерот зборува едно, а во приватни зборува за затоплување на односите со ДУИ, па дури и нивно влегување во Владата. Сепак тој не понуди доказ за евентуалната кореспонденција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
-Барањата на ДУИ за правилото победник со победник, е нешто што токму интегративците одамна го напуштиле. Сега е само племенска математика за да седнат во фотелја, велат од владејачката ВМРО ДПМНЕ. ДУИ прво да се реформира, да се исчисти од криминалните структури, па потоа може да смета на политичка иднина-став на ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата потсетуваат „поразената ДУИ беше спремна по секоја цена да остане во власта.
Ниту лидерот на коалицијата ВЛЕН, не му остана должен на Османи. Потпретседателот на Владата и кандидат за градоначалник на Чаир, Изет Меџити со став – ваквите пораки се типични за Османи. Во недостаток на визија, тој пристапува кон конспиративни пораки кои никој не ги разбира, посочува вицепремиерот.
По ова изгледа дека допрва продолжуваат превирањата и обвинувањата, особено во албанскиот политички блок. Евидентно е дека наративот на политичката сцеца е се пожесток, како се доближуваме до денот на локалните избори. Најмногу се упатени критики за т.н. „српски свет“ односно која партиска структура овозможила „влегување на земјата во таква флоскула“. За дел од аналитичарите, предизборната борба во албанскиот политички блок ја открива јасната разлика во пристапите меѓу ДУИ и ВЛЕН. Според аналитичарот Џенур Исени, од една страна, настапите на Османи и дел од структурата на ДУИ покажуваат дека партијата повторно се потпира на националистичка реторика и теми кои мобилизираат преку етнички емоции. Смета дека тоа е проверена стратегија на ДУИ која со години им носела политички поени, особено кога се чувствува загрозена од конкуренција.

Џенур Исени/Фото: Фејсбук
Од друга страна, настапите на ВЛЕН, како на Изет Меџити, така и воопшто на целата коалиција, се повеќе се фокусираат на прашања кои ја тангираат секојдневницата на граѓаните: економија, вработувања, инфраструктура и борба против корупцијата. ВЛЕН се обидува да го смени политичкиот дискурс во албанскиот кампус, носејќи порака дека реалните проблеми на граѓаните не се решаваат со националистичка реторика, туку со конкретни политики и институционална одговорност, вели Исени за „Локално“.
Според него, прашањето дали ВЛЕН може да добие повеќе гласови зборувајќи само за економски теми е легитимно, но, како што вели, тука треба да се направи разлика: ВМРО-ДПМНЕ настапува на македонската сцена, каде што националното прашање е во поинаква динамика, додека кај Албанците во Македонија, националната димензија е чувствителна и не може целосно да се игнорира.
-Сепак, доколку ВЛЕН успее да ја наметне економијата, владеењето на правото и транспарентноста како клучни теми и да ја убеди јавноста дека токму тие ќе донесат вистинска рамноправност, тогаш може значително да го зголеми својот резултат, истакнува соговорникот.
Исени смета дека заклучокот е дека ДУИ игра на старата и веќе видена националистичка карта, додека ВЛЕН се обидува да понуди нов политички наратив базиран на европски вредности, економски развој и институционална еднаквост.
-Колку граѓаните се подготвени да го прифатат овој нов наратив ќе се покаже на изборите, заклучува аналитичарот.
Дел од јавноста смета дека на овие локални избори, политичките партии се многу ангажирани и електризирани, затоа што владата, иако има доволен број пратеници за да функционира, нема доволен број во однос на Бадинтеровиот механизам, поради што многу закони не можат да се усвојат. Таков став има и соговорникот Зуди Џелили. Поранешниот пратеник во Собранието објаснува дека оттаму локалните избори имаат уште поголемо значење за политичките партии, бидејќи можат директно да влијаат врз севкупната државна политика.

Зуди Џелили/Фото: Принтскрин
-Во тој правец, неколку општини се од клучно значење, како на пример Чаир и уште неколку други. Во Чаир, Османи започна интензивна кампања од врата до врата и, како што изгледа, создаде многу контакти. Од друга страна, ВЛЕН повеќе се концентрира на помошта кон нивниот владин партнер ВМРО–ДПМНЕ. Албанскиот фронт за интеграција се обедини за да ги брани правата на Албанците како одговор на македонскиот национализам и зголеменото влијание на српскиот свет во Македонија, посочува Џелили во разговор за „Локално“.
Реално, според него, партиите на власт требаше да се натпреваруваат промовирајќи успеси, особено во областа на економската благосостојба и др. Но, како што вели Џелили, поделени и налутени, тие дејствуваат емотивно и без политичка зрелост.
-Наместо да се занимаваат со конкретни достигнувања во полза на граѓаните, тие повеќе се занимаваат со Арбен Таравари и Али Ахмети. Власта нема потреба да ја игра улогата на опозицијата, тоа се случува кога недостигаат резултати. На пример, наместо актуелни теми да бидат ЕУ и поглавјата што требаше да ги затвориме, наместо да се зголемуваат платите и животниот стандард, тие се занимаваат со лични напади и обвинувања за наводен национализам на опозицијата, порачува аналитичарот и екс-пратеник.
Н.П.