Со почетокот на операцијата „Канџа“ во северниот дел на Ирак продолжува уништувањето на упориштата и засолништата користени од страна на терористичката организација ПКК. Количината на запленетата муниција и опрема беше причина повторно на дневен ред да дојдат финансиските и материјалните ресурси на ПКК. Податоците добиени од Министерството за внатрешни работи и други извори укажуваат дека трговијата со дрога е најголемата ставка во финансиските ресурси на организацијата.
За повеќе од 40 години, ПКК во Турција, Ирак, Сирија, Иран и во европските земји формираше организирана структура со различни имиња. На ПКК ѝ беа потребни финансиски средства за да создаде „народ“/маса која ќе се одвои од државата и ќе продолжи со терористичките активности. Затоа ПКК започна со криминални активности како и сите други терористички организации. Меѓу овие активности, производството, дистрибуцијата и продажбата на дрога се особено значајни. Во овој момент операциите што ги спроведуваат турските безбедносни сили се насочени кон годишниот буџет на терористичката организација ПЈД/ПКК.
– Маршрутите на ПКК за трговија со дрога
Гледајќи ги достапните извори, ПЈД/ПКК има четири важни маршрути: Балканот, Северна и Јужна Африка и Кавказ. Покрај тоа, организацијата дополнително обезбедува и пренесува дрога и од различни локации во Африка. ПКК често ги користи овие правци за транспорт на дрога со методи што лесно не се откриваат и дрогата ја пренесува во Европа, за која се смета дека е главен пазар.
Балканот е на врвот на патиштата што организацијата често ги користи за пренесување на дрогата. Од географска гледна точка, маршрутата е Авганистан – Иран – Турција – балкански земји – Европа. Така дрогата што се произведува во Авганистан се пренесува најпрвин во Иран, Ирак или Сирија, потоа преку Турција, Иран и Кавказ до балканските земји, и оттаму преку различни маршрути до пазарите во Западна Европа или поточно во Холандија, Белгија и Франција.
Според достапните разузнавачки документи и извештаите на ЕВРОПОЛ, ПКК во маршрутите што ги користи за трговијата со дрога, за да не биде откриена и за да може да ја прошири својата криминална мрежа, соработува со различни терористички организации. На пример, кога ја користи маршрутата на Кавказ, за пренесување на дрогата во Источна Европа соработува со некои грузиски и ирански криминални организации.
Добро познат пример е настанот со браќата Бајбашин за кој пишуваа и медиумите. Браќата Бајбашин, користејќи ги семејните/племенските врски во Дијарбакир, воспоставиле триаголна мрежа помеѓу Турција, Велика Британија и Холандија, и речиси биле ангажирани со сите дилери на дрога во Европа. Според трговците со дрога кои се уапсени од турските безбедносни сили, ниту една структура што нема воспоставено врска со ПКК не може да продава дрога ниту во Турција ниту во Европа.
Покрај тоа, некои безбедносни сили во различни делови на Европа наведуваат дека високите функционери на терористичката организација ПЈД/ПКК статусот на „политички азил“ го злоупотребуваат за да можат постојано да доаѓаат во Европа. На пример, Канцеларијата за контрола на странски средства, која работи во рамките на Министерството за финансии на САД, ги прогласи за „шверцери со дрога“ високите претставници на терористичката организација во Европа, кои избегале од Турција и побарале политички азил, како што се Зубејир Ајдар, Ремзи Картал и Али Риза Алтун, познат и како каса на терористичката организација, кој е неутрализиран во заедничката операција на МИТ и Турските воени сили (ТСК).
– Нова маршрута Сирија
По Арапската пролет во 2011 година, ПКК ги забрза потезите кон Европа преку ПЈД/ЈПГ, која е нивна продолжена рака во Сирија. Во 2014 година, кога ДЕАШ го нападна сирискиот регион Ајн ел Араб, структурата на ПЈД/ЈПГ во регионот почна да добива поддршка од САД. ПКК преку ПЈД/ЈПГ почна да влијае во регионот. Откако структурата ПЈД/ПКК почна да доминира во регионот, Кандил, кој се наоѓа во северен Ирак и кој е еден од центрите за дистрибуција на дрога, почна да испраќа дрога во Европа преку Сирија.
Терористичката организација во регионите Камишли, Маликије, Ресулајн, Рака, Хасеке, Ајн ел Араб и Тел Абјад и околу реката Џулаб и Хасеке почна да огледува афион, марихуана и канабис. На тој начин тие региони покрај транзитна маршрута за дрога станаа и центар за производство на дрога. ПЈД/ПКК генерално суровината за производство на дрога тајно ја сади помеѓу полињата за пченка и памук. Терористичката организација сите овие активности ги спроведува преку таканареченото Министерство за земјоделство, кое е под контрола на т.н. автономна администрација на северна и источна Сирија. Дрогата што се произведува не се праќа само во Европа, туку се дистрибуира и во Сирија за да може „полесно“ да се контролираат членовите на ПЈД/ПКК.
– Борбата на Турција со наркотеророт на ПЈД/ПКК
Наркомрежата на ПЈД/ПКК, која е создадена особено во Турција и во нејзината непосредна близина, во последните години во голема мера е уништена со сеопфатните операции на Турција во рамките на борбата против тероризмот. Борбата на Турција со наркотеророт на ПЈД/ПКК, во земјата и надвор од земјата доби интензитет во 2016 година со силната соработка со меѓународните институции. Од втората половина на 2016 година, по обидот за пуч, оддалечувањето на луѓето на ФЕТО од државните институции, кои ја спроведуваат борбата против тероризмот, имаше голем ефект во борбата против организираниот криминал и терористичката организација ПЈД/ПКК.
Потоа, Турските вооружени сили (ТСК) со операциите „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“ во Сирија ја елиминираа организацијата и нејзините криминални подгрупи во регионот. Од друга страна, при операциите „Одлучност“ и „Канџа“ во северен Ирак неутрализирани се терористи од високо ниво кои одлучуваат за криминалните и терористички активности на организацијата, а исто така спречени се и илегалните гранични премини.
Како резултат на тоа, кога одблиску ќе се погледне борбата на Турција со наркотеророт, очигледен е напредокот што е постигнат од 2016 година. Во текот на 2016, 2017 и 2018 година, како резултат на одлучните операции на единиците на Министерството за внатрешни работи, запленети се 88.239 килограми канабис, 16.454 килограми хероин и 11.411 килограми кокаин. Со цел да се разбере важноста на запленетата дрога за структурата на ПЈД/ПКК, доволно е да се погледне на нејзината вредност на европскиот пазар на дрога.
Со оглед на количеството дрога запленето од ПЈД/ПКК и парите што се обезбедуваат за ПЈД/ПКК со продажбата на таа дрога, се проценува дека ПЈД/ПКК само од дрогата годишно заработува 1,5 милијарда долари. Според извештаите на разузнавачките служби, вкупните приходи на ПКК од дрога, трговија со луѓе, нелегално собрани пари и слични предмети се проценуваат на околу 50 милијарди долари.
Осумдесет проценти од европскиот пазар на дрога се наоѓа под контрола на ПЈД/ПКК. Турција со Турските вооружени сили, Претседателството на МИТ и Министерството за внатрешни работи води сеопфатна борба против оваа структура. Турција, исто така, ја продолжува и соработката со Канцеларијата на ОН за дрога и криминал, Европската организација за безбедност и соработка, Организацијата за економска соработка, Црноморската економска соработка, Центарот за спроведување на законот во Југоисточна Европа и Европскиот центар за следење дроги и зависности.
(Умит Тетик постдипломското образование го завршил на Универзитетот ТОББ. Своите истражувања во областа на безбедноста ги продолжува во Фондацијата за политички, економски и општествени истражувања СЕТА)