Борел: Блискиот исток е жариште што може да експлодира

од Nikola Popovski
222 прегледи

Сите треба да избегнуваат ескалација на Блискиот исток и ситуацијата да стане „експлозивна“, предупредил шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, по синоќешните американски напади во Сирија и Ирак, пренесоа агенциите.

-Секој треба да се обиде да избегне ситуацијата да стане експлозивна, кажал Борел, одговарајќи на прашањето за американското гранатирање, пред почетокот на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

Зборувајќи за ситуацијата во Газа, на југот на Либан и престрелките во Ирак и Сирија, Борел предупредил на ризикот од ескалација.

– Блискиот исток е жариште што може да експлодира. Затоа ги повикуваме сите да избегнуваат ескалација, кажал европскиот претставник.

САД вчера објавија дека „успешно“ извршиле одмазднички напади против елитните ирански сили и проиранските групи во Ирак и Сирија, а американскиот претседател Џо Бајден предупреди дека нападите ќе продолжат.

Белата куќа повтори дека не сака војна со Иран.

Синоќа, американската војска започна воздушни напади врз десетици локации во Ирак и Сирија што ги користат проиранските милиции, што претставува вовед во одмазда за нападот со беспилотно летало врз американската база во близина на јорданско-сириската граница, во кој загинаа тројца членови на вооружените сили на земјата.

Американскиот претседател Бајден и други официјални лица со денови најавуваат дека земјата ќе возврати, навестувајќи дека тоа нема да биде само еден удар, туку „слоен одговор“ кој ќе трае подолго.

Слични содржини