Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, застана во одбрана на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој во четвртокот беше прогласен за персона нон грата во Израел, бидејќи не го осуди јасно нападот на Иран врз Израел во вторникот.
„Мораме да ги отфрлиме нападите врз генералниот секретар на ОН“, рече Борел во говорот во Понтеведра, северозападна Шпанија, каде што ја прими годишната награда на форумот Ла Тоха.
„Да, се започна со терористичките напади на Хамас, кои ги осудуваме, но овие напади, како што рече генералниот секретар на ОН, не доаѓаат од никаде. Тие се последица или (…) барем уште едно поглавје од долга приказна што започна порано“, продолжи тој.
„Да се каже такво нешто не смее никому веднаш да му донесе име или навреда дека е антисемитист (…) Тоа е премногу сериозно, премногу болно за да се примени за некој што изразува мислење различно од мислењето на владата“, додаде Борел.
Обединетите нации „е единствениот инструмент што го имаме на располагање за да се обидеме да гарантираме мир во светот“. Дури и да е инструмент „без сомнение недоволен (…) тој е единствениот (инструмент) што го имаме“, заклучи тој.
„Да, Израел има право да се брани, но тоа право, како и сите права, има свои граници“, нагласи Борел, додавајќи: „И прашањето што ние, Европејците, не сакаме да го поставиме, или барем на кое не сакаме да одговориме, e прашање дали тие граници се поминати. Мојот одговор е, за жал, „да“.
Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, изјави во средата дека му забранил на генералниот секретар на ОН да влезе во земјата затоа што „недвосмислено“ не го осудил ракетниот напад на Иран врз Израел.
Иран истрела повеќе од 180 балистички проектили врз Израел во вторникот по ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и либанскиот Хезболах. Многумина беа пресретнати во воздух, но некои ја пробија противвоздушната одбрана. Нема извештаи за жртви.
Гутереш во вторникот издаде кратка изјава во која само ги спомна „последните напади на Блискиот Исток“ и ја осуди „ескалацијата по ескалацијата“.
Кац рече дека Гутереш, бидејќи не го осудил Иран, е персона нон грата во Израел.
Односите меѓу Израел и Обединетите нации паднаа на најниско ниво од 7 октомври, датумот на нападот на Хамас врз Израел кој ја предизвика војната во Газа.
Израелските повици за оставка на Антонио Гутереш започнаа веднаш по почетокот на војната, кога тој истакна дека нападот на Хамас „не се случил во вакуум“ и дека „палестинскиот народ (беше) подложен на 56 години задушувачка окупација“.