Европскиот министер за надворешни работи, Жозеп Борел, апелираше до Израелците да не дозволат гневот да ги совлада како одговор на смртоносниот напад на Хамас на 7 октомври.
Тој истакнал дека „еден ужас не оправдува друг“, објави „Ројтерс“.
Борел ова го изјави за време на посетата на Израел, зборувајќи заедно со израелскиот министер за надворешни работи Ели Коен, откако двајцата го посетија кибуцот Бери, едно од местата на нападот на Хамас на 7 октомври.
„Го разбирам вашиот гнев, но ве молам немојте да ве проголта гневот. Мислам дека тоа е нешто што најдобрите пријатели на Израел можат да ви го кажат“, рече Борел.
Претходно беше најавено дека Борел, како и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен, ќе го посети Блискиот Исток во обид да ги заштитат цивилите, да отворат нови хуманитарни коридори и да го подготват регионот за мировни преговори.
Како што пренесува „Гардијан“, се наведува и дека ќе предупреди дека населувањето на доселениците на Западниот Брег е „целосно неприфатливо“ и мора да престане. Борел, меѓу останатите, ќе разговара и со претставници на семејствата на заложниците.
Тој потоа ќе замине во Рамала на разговори со палестинскиот претседател Махмуд Абас, а ќе се сретне и со некои други регионални лидери.