Европската унија продолжува да ѝ дава на Украина воена помош, вклучително оружје, муниција и воена опрема, како и обука за воен персонал и би можела да ги одобри првите пет милијарди евра оваа година во рамките на Европскиот фонд за мир за следната година, изјави високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
„Предложив нов билатерален повеќегодишен пакет во рамките на Европскиот мировен фонд (ЕПФ), до пет милијарди евра за следната година. Се надевам дека ќе успееме да постигнеме договор пред крајот на годината, кога земјите-членки треба да се договорат за ревизија на повеќегодишната финансиска рамка“, рече Борел во понеделникот на прес-конференција во Киев, по состанок на Советот на ЕУ за надворешни работи, пренесува „Укринформ“.
Тој истакна дека разговорите одржани во Киев со учество на европски министри помогнале подобро да се разбере безбедносната димензија на ситуацијата во Украина, која, како што рече, била централна тема со украинскиот претседател Володимир Зеленски и министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба.