Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, во понеделникот рече дека поддржува утврдување одговорност за руските воени злосторства во Украина.
„Силно го поддржувам преземањето на сите мерки во однос на одговорноста за злосторствата и треба да видиме кој е најдобриот начин да го направиме тоа“, одговори Борел на новинарско прашање дали го поддржува формирањето на специјален суд за справување со руските воени злосторства во Украина.
Министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ се собраа во понеделник во Луксембург на состанок на кој треба да одобрат мисија за обука на 15.000 украински војници на територијата на ЕУ и дополнителни 500 милиони евра помош за набавка на оружје за украинските сили.
Мисијата за обука на украинските војници треба да започне кон средината на следниот месец во Полска и Германија.
Министрите ќе разговараат и за испорака на ирански беспилотни летала во Русија. Во понеделник наутро главниот град на Украина Киев беше изложен на силни напади со беспилотни летала. Борел рече дека е потребно да се утврди за чии беспилотни летала станува збор, додавајќи дека Иран негира дека се нивни. Данскиот министер за надворешни работи Јепе Кофод без никаква резерва изјави дека станува збор за ирански беспилотни летала и оти ЕУ треба да одговори на тоа со „конкретни мерки“.