Одржувањето блиски врски со режимот на рускиот претседател Владимир Путин не е компатибилно со аспирациите за членство во Европската унија, изјави вчера во Луксембург високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел.
– Приклучувањето кон ЕУ е стратешки избор за земјите од Западен Балкан, а одржувањето блиски врски со режимот на Путин не е компатибилно со градење заедничка иднина во рамките на Европската унија, истакна Борел на прес-конференција по состанокот на министрите за надворешни работи на Земјите членки на ЕУ, пренесува Хина.
За време на работниот ручек, на средбата на европските министри се приклучија и нивните колеги од Западен Балкан, со кои разговараа за усогласување со европската надворешна и безбедносна политика.
Србија е единствената земја кандидат за членство во ЕУ која не воведе санкции кон Русија поради војната против Украина.
Борел најави дека ЕУ ќе ги намали политичките контакти со Грузија, чија влада е се поблиску до Русија, иако доби европска перспектива, а се размислува и за замрзнување на европската помош за таа земја.