Борел: Неприфатливи се зборовите на Ердоган кон Макрон

од Vladimir Zorba

Европскиот министер за надворешни работи Жозеп Борел денеска ги осуди како „неприфатливи“ изјавите на турскиот претседател упатени до неговиот француски колега и ја повика Анкара да ја разбие „таа опасна спирала на конфронтација“.

„Зборовите на претседателот Реџеп Таип Ердоган до претседателот Емануел Макрон се неприфатливи. Повик до Турција да стави крај на оваа опасна спирала на конфронтација”, напиша Борел во пораката на Твитер.

Париз во саботата ги осуди зборовите на турскиот претседател Ердоган, кој го доведе во прашање „менталното здравје“ на неговиот француски колега во врска со изјавата за карикатурите на пророкот Мухамед.

„Зборовите на претседателот Ердоган се неприфатливи. Навредите и грубоста не се начинот. Бараме Ердоган да го смени својот политички правец затоа што неговата политика е опасна во секоја смисла. Не влегуваме во непотребни полемики и не прифаќаме навреди“, прокоментира Елисејската палата во саботата.

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дријан во денешната изјава рече дека недостатокот на каква било официјална осуда или изразување солидарност од страна на турските власти по атентатот врз професор во Франција пред неколку дена, беше проследен со пропаганда на омраза и клевета кон Франција.

Францускиот претседател Емануел Макрон претходно изјави дека исламот е во глобална криза, по што тој претстави нацрт-предлози за нов закон што ќе им овозможи на француските безбедносни сили поцелосно да ги следат муслиманските здруженија и џамиите во Франција, како и образованието на имамите.

Турскиот претседател Ердоган изјави дека антиисламската и антимуслиманската реторика е апарат со кој западните политичари ги прикриваат своите неуспеси и дека главната цел на ваквите иницијативи, предводени од францускиот претседател Емануел Макрон, е справување со исламот и муслиманите.

Во саботата, Ердоган повторно го критикуваше ставот на неговиот француски колега кон муслиманите, повикувајќи го да го провери неговото ментално здравје.

Исламските земји ги бојкотираат француските производи

Во саботата следеа повици за бојкот на француските производи во неколку земји од Блискиот исток, бидејќи Макрон во емотивен говор оваа недела вети дека неговата земја „нема да се откаже“ од карикатурите на пророкот Мухамед, што исламот го забранува.

Турција, Иран, Јордан и Кувајт го осудија објавувањето на карикатурите.

Организацијата за исламска соработка, која ги обединува муслиманските земји, изрази жалење „за изјавите дадени од францускиот претседател (…) кои можат да им наштетат на француско-муслиманските односи“.

На социјалните мрежи од петокот кружат повици за бојкот на француски производи со хаштаг на арапски јазик.

Во Катар, малопродажните мрежи „Al-Meera“ и „Souq al-Baladi“ објавија дека ќе ги „повлечат“ француските производи од нивните полици додека не биде издадена нова наредба.

Универзитетот во Катар во петокот на Твитер објави дека ја одложува Неделата на француската култура поради „свесен напад врз исламот и неговите симболи“.

Во Кувајт на социјалните мрежи се појавија снимки од отстранување на француски сирења од полиците.

Шеесетина заеднички компании во Кувајт најавија бојкот на француските производи.

Околу 430 туристички агенции во Кувајт ги откажаа резервациите на летовите кон Франција, објави Здружението на кувајтски туристички агенции.

Агенциите наведуваат дека земјите од Заливот, Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати претставуваат важни пазари за извоз на француската земјоделско-прехранбена индустрија.

Слични содржини