Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел на 19-ти септември во Њујорк ќе се сретне со лидерите на Западен Балкан.
Ќе се разговара на традиционалниот собир на маргините на 78. сесија на Генералното собрание на ОН, соопшти Европската служба за надворешни работи.
Предвидено е Борел да го посети Њујорк, каде што ќе престојува до 22 септември, за да учествува на повеќе мултилатерални настани на високо ниво, како и билатерални средби во рамки на 78. сесија на Генералното собрание на ОН.
Борел заедно со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, денеска треба да ја претстави Европската унија на трилатерален состанок со Африканската унија и ОН, а потоа ќе се сретне и со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.
Европската унија соопшти дека утре, 18 септември, Борел ќе копретседава и со состанок посветен на мировниот процес на Блискиот Исток, заедно со претставници на Саудиска Арабија, Лигата на арапските држави, Египет и Јордан.
Истиот ден, високиот претставник Борел ќе претседава со неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, а потоа ќе присуствува и на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7.
Исто така, шефот на европската дипломатија, заедно со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе присуствуваат на отворањето на генералната дебата на 19 септември, а потоа ќе се сретне со лидерите на Западен Балкан на традиционална средба на маргините на Генералното собрание.
Во среда, 20 септември, Борел ќе копретседава со 13-от министерски состанок на Глобалниот форум за борба против тероризмот, чиј домаќин се Европската Унија и Египет. Тој попладне ќе учествува на министерскиот состанок на Ад-хок Комитетот за врски за Палестина, чиј домаќин е Норвешка.
Во четврток, на 21 септември, Борел ќе присуствува на вечерата на министрите за надворешни работи на трансатлантските земји, чиј домаќин ќе биде американскиот државен секретар Ентони Блинкен.