Бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска изјави дека Бугарија се наоѓа во деликатна ситуација, затоа што по две недели го презема претседателството со Советот на ЕУ и треба да балансира меѓу сите позиции.
На прашањето за мислење во врска со спорот за задолжителните миграциски квоти на Европска комисија, тој посочи дека е неопходно ЕУ многу силно да се вмеша во геостратешката политика.
Според него, ЕУ мора да преземе многу силна и брза надворешна политика.
– Ова е најбогато, најдобро место за живеење, со огромен БДП. Второ, границите на ЕУ да се чуваат како порано. Секој кој сака да влезе во Европа, да влезе на два начина – оние кои бегаат од војните, додека се спасат, должни сме, бидејќи сме најхумани, а и виновни како целина, да бидат згрижени нормално, затоа што секое човечко суштество заслужува нормален начин на живот. Економските мигранти ќе бидат запрени и ќе одат таму каде што ќе бидат барани, додаде Борисов.
Тој исто така предлага зајакнување на дипломатскиот пристап, наместо испраќање војски надвор.
– Зборувам за дипломатија, со армиите се гледа што се случува – испратија и Американците, и Турците и Русите – ги убија луѓето таму, ги уништија државите, милионите мигранти и милијарди евра, кои ги плаќаме, се во Европа. Должни ли сме, затоа што водат војни, Бугарија да прифати десетици илјади мигранти, праша Борисов.