Борисов: На Бугарија ѝ е потребна влада по секоја цена

од Stefanija Kuzmanovska
180 прегледи

Бојко Борисов, лидерот на политичкиот сојуз ГЕРБ-УДФ, денеска изјави дека на Бугарија ѝ е потребна влада „по секоја цена“.

Борисов, чија алијанса освои најмногу гласови на парламентарните избори во недела, рече дека ќе разговара со сите партии доколку бугарскиот претседател Румен Радев му го довери мандатот за формирање нова влада.

„Бугарите на овие избори рекоа дека не можат без ГЕРБ, но и дека не можат без партијата Продолжуваме со промени (ПП) и Демократска Бугарија (ДБ). Нашите лични чувства не се важни“, изјави Борисов.

Според него, неопходно е да се создаде влада, „колку и да ги чини политичките партии“, пренесува „Ројтерс“.

Копретседателот на партијата Продолжуваме со промени (ПП), Асен Василев, кој беше втор на изборите, претходно ја отфрли можноста за коалиција со ГЕРБ.

Таквата одлука веројатно навестува продолжување на долгорочната политичка криза во Бугарија, наведува британската агенција.

Членката на Европската унија во неделата ги одржа петтите парламентарни избори за две години.

Кризата во Бугарија веќе ја принуди земјата да го одложи очекуваниот датум за усвојување на еврото, а допрва треба да го одобри нацрт-буџетот за 2023 година.

Прелиминарните изборни резултати покажуваат дека ГЕРБ победила со 26,5 отсто од гласовите, додека ПП добила 24,6. Националистичката партија Вараждане („Преродба“) го зазеде третото место со 14,2 отсто, додава „Ројтерс“.

Слични содржини