Бошков: Децата се ставаат под притисок да сведочат на суд или да одлучат со кого ќе живеат после разводот

од Маја Анчевска

Емоционалната сепарација помеѓу партнерите најчесто не е завршена со завршување на бракот, поради што и бракоразводната постапка станува арена за помали или поголеми битки помеѓу нив. Дисфункционални на личен план, брачните партнери стануваат дисфункционални и на план на реализација на родителството, вели за „Локално“, психотерапевтот Габријела Бошков.

Според Бошков,  одлуката да се стави крај на брак носи драстични промени во животот на децата.

– Со самата сепарација на брачните партнери се менува и семејната структура што значи и одсуство и/или недостапност на еден родител и тоа најчесто таткото. Намален контакт со едниот од родителите силно ја афектира врската дете-родител, се губи поврзаноста и блискоста. Од друга страна бракоразводната постапка и предизвикот да се биде сам во родителствувањето влијае и на врската дете-родител и со мајката. Високо ниво на стрес ги прави родителите емоционално недостапни, неконзистентни во поддршка и разбирање на потребите на децата, а со тоа и ефикасноста на воспитните мерки станува пониска. Без поддршка во справување со неизвесноста на бракоразводната постапка, последиците на промена и чувството на загуба, децата се како на бојно поле, помеѓу две заратени страни кои се пукаат едни со други, а секој испукан куршум/збор го ранува детето, вели Бошков.

При бракоразводните постапки, според психотерапевтот големата тешкотија кај децата e кофликт на лојалност коja ја исполуваат кон родителите, а секој обид за комуникација и блискост со еден од родителите е проследен со двојбени чувства од сознанието дека му се лутат оти прави спротивно од она што се бара од него.

– Во таа борба за моќ и докажување помеѓу родителите, децата стануваат жртва во конфликт кој не е нивен, но кој се накалемува на нивните плеќи, па неретко сметаат дека тие се виновни за разводот!  Од нив се бара да заземат страна, да го отфрлат другиот родител како лош човек, татко/мајка, а неретко се ставаат под притисок да сведочат на суд или да одлучат со кого ќе живеат после разводот. Детскиот свет се разнишува од темел, остануваат сами и преплашени со својата ранливост и желба родителите да им бидат заедно, додава таа.

Оттука како што нагласува психологот кај децата  се јавува страв, тага, несигурност, чувство на изневереност кои ги екстернализираат на бихејвиорално ниво односно потешкотии во прилагодување, психосоматика и/или депресивно расположение, а пак родителите тоа го доживуваат како дополнителен стрес во целокупната ситуација и немаат слух за внатрешните доживувања на децата.

– Брачните партнери кои се во процес на развод имаат обвркса да останат во родителска улога и да не ги ставаат децата во средина на бојното поле, притоа не смеат да заборават дека во период на криза, детското срце е вознемирено, имаат потреба да бидат утешени, некој да поразговара со нив да им каже дека и тато и мама се тука и ќе продолжат да се грижат и да ги сакаат дури и ако не се заедно. Стручната фела постојано нагласува и тоа многупати е повторено: се разведуваат брачните партнери, но не и родителите, тие засекогаш остануваат во таа улога дури и да стапат во нови бракови, нови врски, вели таа.

Бошков потенцира дека не постои возраст на која децата помалку или повеќе ке бидат допрени од вистината за разделба на родителите, а адаптацијата на децата не е директно поврзана со самиот развод на родителите, туку со емоционалните реакции на родителите, нивното однесување, образование, финансиската сигурност и пред се поддршката која ја имаат при одлуката да се разведат.

–  Децата од предучилишна возраст се посебно вулнерабилни, тука често се сретнуваме со реакции на повлекување и анксиозност, намалена самодоверба и/или тешкотија во учењето. Исто така, голем ризик носи и прекин на контактот на малото дете и родителот со кој не живее, особено доколку тие средби ги попречува родителот кој е старател. Конфликтот на лојалност кон родителите кај поголемите децата знае да се исполи низ агресивно однесување, бунтовност и прерано осамостојување. Кај адолесцентите пак постои ризик да бидат парентификувани и „брзо пораснат”, како и да се направи „психолошки брак со адолесцентот” што во значителна мера се коси со развојните задачи на тој период. Исто така, тие се под поголем ризик на развој на болести на зависност, пореметување во однесувањето, промискуитетност и сл, вели психотерапевтот.

Според неа родителите треба постојано да бидат повикувани на родителската одговорност, да им се понуди поддршка и помош во оснажнување на родителските капацитети и препознавање на развојните потреби на децата.

– Задачите на родителите во оваа фаза, а кои се поврзани со родителската компетентност го подразбираат зрелост во постапките и треба заедно да се обидат: да им објаснат на децата дека разводот не е нивна вина и дека тие не можат ништо да направат за бракот да продолжи, да одлучат каде ќе живеат децата на основа на процена што е од нивни најдобар интерес, да ги уверат дека и понатаму ги сакаат и дека и понатаму ќе се грижат за нив, да се воздржат од омаловажување на другиот родител, да се воздржат од развивање на конфликт на лојалност кај децата, да обезбедат адекватна финансиска поддршка за децата, да работат на соработка во договарањето и планирањето кое е засновани на потребите на децата, активностите и интересирањата и да ги направат само неизбежните промени во животот на децата, посочува Бошков.

M.A.

Слични содржини