Бошков: Моментално е невозможно енормно зголемување на минималецот, се договоривме дека ќе се договараме

-Искрено да кажам дека премиерот покажа интерес за зголемување на минималната плата поради зголемување на приходите во Буџетот, меѓутоа реалната состојба е генерално од истражувањето и од Државниот завод за статистика и Централниот регистар дека профитабилноста на македонските компании се движи меѓу 2 и 5%, вели Бошков од Бизнис-конфедерацијата

од Nikola Popovski
42 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

По барањето на Синдикатите за минимална плата од 600 евра, претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков соопшти дека се договориле дека ќе се договараат. Се уште нема конкретен договор, но, вели дека во текот на периодот до законското усогласување на минималецот имаат шанси да преговараат, а денеска се разговарало за модели како може да ја договорат.

Еден од предлозите на работодавачите, според Бошков, бил во Законот за работни односи да се прошири колективното договарање, со што ќе се вклучи и минималната плата во одредени сектори.

-Нашиот предлог е со договарање на минимална плата во одредени сектори, може да се намалат и злоупотребите. Топката е меѓу синдикатите и работодавачите. Искрено да кажам дека премиерот покажа интерес за зголемување на минималната плата поради зголемување на приходите во Буџетот, меѓутоа реалната состојба е дека генерално од истражувањето и од Државниот завод за статистика и Централниот регистар дека профитабилноста на македонските компании се движи меѓу 2 и 5%. Во моментов е невозможно енормно зголемување на минималната плата, но имаме шанса да преговараме и да видиме до каде ќе се договориме, кажа Бошков.

Според него, до месец март 2026 година можат да се договараат, но нема да можат да излезат со точна бројка и точен износ на минималецот.