Пробивот на независните опции, посебно во Скопје, е политички феномен без преседан на овие простори. За мене како политиколог, тоа е главната вест на овие избори. Огромен број граѓани повеќе не гледаат нивна претставеност во било која партија, и имаа доволно свест и храброст тоа да го изразат на изборите, вели во разговор за „Локално“, политикологот и професор на Американ Колеџ, Иво Босилков.
Со меѓусебните препукувања,како што објаснува Босилков партиите пробуваа на овие избори да го задржат легитимитетот пред нивните гласачки тела и со тоа да ги држат поларизирани, иако се свесни дека „монополот кој го имаа врз политичкото дејствување е скршен“.
-Очекувано, овој тренд на откажување на лојалност кон партиите е далеку поинтензивен кај прогресивниот дел од популацијата отколку кај конзервативниот, кој е традиционално ригиден. Од ова најмногу губи СДСМ, но на долг рок нема да биде имун ниту ВМРО-ДПМНЕ, смета политикологот.
Според него водството на ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг на локалните избори се должи на катастрофалните политики на СДСМ кои ги води и на централно и на локално ниво.
-Ова е класично казнување. Политиките на СДСМ откако се дојдени на власт и на централно и на локално ниво се катастрофални. Станаа синоним за некомпетентност, сервилност, корупција и мешетарење. Не постои никакво владеење на правото, менаџментот на здравствената криза им е очаен, никакви ветувања не исполнија. Единствено во што се добри е удоволување на олигархијата, коалициските партнери и меѓународниот фактор. Граѓаните имаат впечаток дека дојдоа на власт единствено да ги задоволат своите апетити за фотељи. ВМРО е исто така бледа и безлична, но нејзините гласачи се фиксни, што се покажа на овие избори. Водството на ВМРО се должи на падот на поддршката за СДСМ, не на некаков нивен раст, објаснува Босилков.
Универзитетскиот професор смета дека лидерот на СДСМ штом е доведен во ситуација да ветува кадровски промени, промена на курсот, да моли за излезност, тогаш е јасно дека е доведен во губитничка позиција.
-Заев е веќе поразен, без разлика на тоа што ќе се случи во вториот круг. Во компаративна смисла во однос на претходните избори СДСМ е десеткуван и кога тој тренд е толку видлив, само повеќе ќе биде забрзан во иднина. Кога Заев е доведен во ситуација да ветува кадровски промени, промена на курсот, да моли за излезност, тогаш јасно е дека е доведен во губитничка позиција. Сето ова го има ветувано и претходно и ништо не се променило. Постои граница до каде може да биде ефективно заплашувањето со враќање на Груевски, објаснува тој.
Во врска со тоа колку Левица одигра улога во резултатите, Босилков смета дека партијата добила стабилен пораст кој се должи на пресметана стратегија и консистентна и ефективна порака.
-Колку таа стратегија е одржлива на долг рок не сум сигурен, затоа што заштитниот знак на Левица се национални прашања како името, меѓуетничките односи и слично, прашања кои со децении го дефинираат ВМРО, а нивната база е прилично цврста. На овие избори многумина неопределени се одлучија за нив затоа што не сакаа да гласаат ниту за СДСМ ниту за ВМРО, а им беше страв дека глас за независните ќе биде фрлен глас. Сега откако се покажа дека тоа не е така, мислам дека Левица ќе дојде до плафон на растот, затоа што со нивниот инфламаторен стил кој се граничи со отворена омраза, создадоа премногу антагонизам кај голем дел од потенцијалните гласачи на кои им е смачено од константен партиски конфликт, вели политикологот, додавајќи дека партиите се водат од калкулации и играат тактички.
-ВМРО и Левица во исто време се и сојузници и противници, но за многумина ова е провидно и нема да предизвика којзнае какви промени во распределбата на моќта. Од друга страна постојат и постојани превирања и интриги во албанскиот блок кој обично е пресуден за вакви прашања. Мислам дека опозицијата го тестира расположението кај гласачите за парламентарни избори, но немам впечаток дека тоа постои. Веројатно ќе проценат дека подобра стратегија е да го минираат и разобличуваат СДСМ на локално ниво. Иако ова носи ризици да бидат перцепирани како деструктивни, СДСМ е познат по пукање во сопствената нога, така што најдобро за нив е да го остават да го прави тоа, подвлекува Босилков.
Аналитичарот смета дека добрата вест од овие избори е што граѓаните стануваат свесни за фактот дека целокупниот политички естаблишмент се грижи само за себе и не можат да се надеваат на ништо од нив.
– СДСМ најпрвин ја киднапираше а потоа и ја предаде Шарената револуција, направи неброени лоши потези само и исклучиво уште малку да си го продолжи останувањето на власт. Разочарувањето е огромно и цехот секогаш се плаќа. Добрата вест е што граѓаните стануваат свесни за фактот дека целокупниот политички естаблишмент се грижи само за себе и не можат да се надеваат на ништо од нив, па мораат да се реорганизираат во нови политички артикулации, вели универзитетскиот професор.
Б.М.