Бразилскиот интернационалец, Хозе Гиљермо Де Толедо (25) ќе го засили составот на Вардар за новата сезона. Десниот бек потпиша двегодишен договор со европскиот првак. Толедо е вториот Бразилец во клупската историја што ќе настапува во дресот на Вардар.
Толедо, роден во Сао Паоло, висок 193 см и тежок 100 кг., треба да му биде колега на Даинис Криштопанс на десната бековска страна. Тој е репрезентативец на Бразил, и има освоени златен (2016) и сребрен (2018) медал на Пан Американските игри. Настапуваше и на СП 2015 година во Катар.
Тој има искутво во играње во европските купови од 2014 година кога потпиша за шпански Гранољерс. По една нецела сезона се сели во Висла Плок во Полска каде останува до крајот на сезоната 2018/2019.
Последниве две сезони како член на Висла, бразилскиот ракометар постигна по 41 гол. Со тимот на Висла играше во осмина-финалето на ЛШ. На тие дуели со ПИК Сегед постигна вкупно 7 гола. Најмногу постигна против фински Кокс (8) и против Адемар Леон (7).
Вардар во пресрет на новата сезона се засили со голманот Артурс Кугис, Сергеј Горпишин, Димитар Димитриоски, Павел Атман и тренерот Давид Писонеро. Договорите со клубот ги продолжија и Сташ Скубе и Калифа Гедбан.
Подготовките за новата сезона треба да почнат на 24 јули во Скопје.