Бразилскиот претседател е казнет затоа што не носел маска

од Nikola Popovski

Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро денеска е казнет со 108 долари за учество на настан со мотоциклисти во државата Сао Паоло, без маска и без почитување на другите санитарни мерки.

Илјадници моторџии учествуваа денес на собир во Сао Паоло. Претседателот на екстремната десница излегол на чело на поворката со отворен шлем и без маска, што ги крши правилата на таа бразилска држава.

Властите во Сао Паоло соопштија дека го казниле Болсонаро со 552 реали (околу 108 долари), како и неговиот син Едуардо, член на Конгресот и министерот за инфраструктура Тарсисио Гомеш за неносење маска и непочитување на мерките за социјално дистанцирање за време на собирот.

Болсонаро, кој повика на собири низ Бразил, како подготовка за претседателските избори следната година, не ги послуша предупредувањата на гувернерот на Сао Паоло, Жоао Дорија, неговиот политички ривал, кој рече дека претседателот ќе биде казнет доколку не ги почитува законите на таа држава.

Болсонаро постојано се спротивставуваше на Дорија и другите гувернери во врска со мерките што ги воведоа за борбата против коронавирусот, откако во Бразил починаа скоро 484 000 луѓе.

Болсонаро редовно ги критикува мерките за затворање и носење маска и промовира лекови како што е хлорокин, иако студиите покажуваат дека се неефикасни.

Обраќајќи им се на група приврзаници кои вееле знамиња, Болсонаро повторно зборувал против носењето маска. Претседателот смета дека вакцинираните лица не треба да носат маска.

„Невозможно е вакцинирана личност да го пренесе вирусот“, рекол тој.

Слични содржини