Брегзит земјотрес: Борис Џонсон ѝ дише во врат на Тереза Меј

од desk2
110 прегледи

Додека Велика Британија се соочува со нова политичка криза поради Брегзит, аналитичарите веќе работат на проекции за можен наследник на премиерката Тереза Меј на позицијата лидер на ториевците.

Борис Џонсон се истакнува како фаворит за наследник на Меј. Поранешниот министер за надворешни работи има поддршка од речиси една третина од членовите на партијата, покажаа резултатите од месечната анкета за испитување на јавното мислење на вебстраницата ConservativeHome во која беа опфатени 1.000 ториевци.

Пред само еден месец, пред да даде оставка на 9 јули поради предлогот на Меј за Брегзит стратегија, Џонсон имаше поддршка од само 8% од членовите на партијата, а сега има 29%.

Сега е речиси 10 проценти пред најсилниот ривал – министерот за внатрешни работи Саџид Џавид, кој минатиот месец имаше поддршка од 22%.

Поддршката за министерот за животна средина Мајкл Гоув падна на 7%, биедејќи не даде оставка по фијаското со Брегзит стратегијата.

Според правилата на ториевците, пратениците на партијата имаат можност да ги бираат конечните двајца кандидати кои ќе се соочат на гласање од членовите на партијата.

Во неговиот говор за оставката пред Долниот дом на Парламентот, поранешниот министер за надворешни работи рече дека премиерката била „неодлучна“ околу Брегзит и дека имало „18-месечно претпазливо повлекување“.

Тој рече дека со нејзината стратегија ќе има само „Брегзит на хартија, но не и во реалност“, а Велика Британија ќе остане во „мизерно, постојана неизвесност“.

Иако Џонсон се воздржа од тоа директно да ја прозива Меј, во неговото 12-минутно обраќање тој ја предупреди да го смени правецот.

Тој додаде дека „не е доцна да се спаси Брегзит“ и јасно стави до знаење дека е подготвен да ја предводи промената за да се обезбеди чист излез од ЕУ уште есенва.

Џонсон, кој се откажа од ангажманот како колумнист вреен 275.000 фунти годишно кога беше назначен за министер за надворешни работи во 2016 година, имаше камбек минатиот месец со текст во кој рече дека Британија мора да верува во себе по Брегзит.