Бремена жена убиена пред клиника во Приштина

од Vladimir Zorba

Косовската полиција потврди дека на 30 ноември бремена жена на возраст од околу 35 години, која дошла на оваа клиника да се породи, била убиена со неколку куршуми пред Клиниката за гинекологија.

Полицијата соопшти дека околу 18.00 часот добила информација дека во дворот на Универзитетскиот клинички центар на Косово е пронајдено мртво тело.

„Во моментов полицијата во координација со државниот обвинител започна истрага и продолжува со преземање на сите истражни дејствија, со цел целосно расветлување на настанот“, се наведува во соопштението на косовската полиција.

Полицијата се уште не соопштува дали уапсила осомничени за овој инцидент.

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека тоа е сурово, „неприфатливо и неподносливо“ убиство.

„Згасна живот кој носеше уште еден живот. Жената беше бремена. Околу 35 години, ниту на половина живот. А детето кое сакаше да го роди не го ни започна животот. Суров убиец”, напиша Курти во објава на својот Фејсбук профил.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, порача дека мора да се стави крај на „бранот на криминалот“ и „фемицидот“ врз жените, барајќи правда за жртвите на насилство.

„Одговорот за насилниците и убијците е ред, закон и максимална казна“, напиша Османи на Фејсбук.

Ова е втора жена која е убиена во последните денови на Косово, откако на 25 ноември беше објавено дека маж си ја убил сопругата со секира. Настанот се случил исто во Приштина.

На 25 ноември во Косово започна кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“ организирана од Министерството за правда.

Бројот на случаи на семејно насилство во Косово е зголемен во последните години.

Според податоците на косовската полиција во текот на 2020 година на Косово се евидентирани 2.069 случаи на семејно насилство, додека во 2021 година се евидентирани 2.456 случаи.

Во меѓувреме, во периодот јануари-септември 2022 година се регистрирани 2.067 случаи на семејно насилство.

Слични содржини