Македонија мора да продолжи со добронамерната имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, како и на Преспанскиот договор со Грција, во согласност со Преговорната рамка, се вели во стратегијата за проширување на ЕУ усвоена од Европскиот парламент.
Во документот, европратениците нагласуваат дека проширувањето мора да остане процес базиран на заслуги и реверзибилен, при што напредокот на секоја земја-кандидат зависи од ефикасното спроведување на критериумите и вредностите на Европската Унија. Ниту една земја не треба да се гледа како дел од пакет и не може да има „кратки патишта“ во однос на основните принципи на Унијата. Европскиот парламент ја повторува важноста на отворањето и објавувањето на комунистичките историски архиви со цел да се промовира потрагата по вистината и помирувањето и да се зајакне демократското управување.
Во документот се нагласува дека пристапот базиран на заслуги би можел да доведе до замрзнување или дури и пресврт на преговорите за пристапување доколку има отстапување од основните вредности на ЕУ. Преговорите можат да продолжат само по доволен напредок во реформите. Пратениците во Европскиот парламент истакнуваат дека земјите-кандидатки кои заостануваат во однос на демократското управување мора да се соочат со последици доколку процесот на проширување сака да остане навистина базиран на заслуги.
Трошоците за непроширување би ги надминале трошоците за нови членки кои се приклучуваат кон ЕУ, ризикувајќи создавање геополитички сиви зони ранливи на антагонистичко странско влијание. Во извештајот за стратегијата за проширување на ЕУ, усвоен вчера, членовите на Европскиот парламент наведуваат дека проширувањето на ЕУ е стратешки одговор на еволутивната геополитичка реалност и витална инвестиција во безбедноста и стабилноста на ЕУ. Документот, изготвен од Петрас Ауштревичиус, член на групата „Обнови ја Европа“ во Европскиот парламент, беше усвоен со 385 гласови „за“, 147 „против“ и 98 „воздржани“.
Документот ги повикува институциите на ЕУ да го одржат моментумот на процесот и да ги отстранат внатрешните пречки, строго почитувајќи ја предвидливата постапка базирана на реформи за пристапување.
Дополнително, Парламентот тврди дека трошоците за непроширување би ги надминале трошоците за нови членки кои се приклучуваат кон ЕУ, ризикувајќи создавање геополитички сиви зони ранливи на антагонистичко странско влијание.