Околу 30 милиони од 66 милиони Британци се очекува да излезат на парламентарните избори во 650 изборни единици в четврток, каде има 3.322 кандидати. Околу 50.000 избирачки места ќе бидат отворени од 7 до 22 часот по локално време.
Според британскиот мнозински изборен систем, лицето кое ќе освои најмногу гласови во една изборна единица станува нејзин претставник во Парламентот. Во пракса, тоа значи дека понекогаш може да стане пратеник и со триесет проценти од гласовите.
Кандидатите мора да дадат депозит од 500 фунти што можат да ги „заборават“ доколку не освојат пет проценти од гласовите.
Постојат 533 изборни единици во Англија, 59 во Шкотска, 40 во Велс и 18 во Северна Ирска. На последните избори од 2017 година, 47 милиони луѓе имаа право на глас,излегоа 32 милиона или 69 проценти .
Парламентарните избори се одржуваат во четврток од 1935 година, од 2011 година е со закон, а дотогаш само традиција.
Сега, според законот, редовните избори мора да се одржат на првиот четврток во мај на секои пет години. Предвремени избори бараат одобрение од двотретинско мнозинство во Парламентот.
Велика Британија немаше избори во декември од 1923 година и можно е излезноста да биде помала поради зимата, пократката дневна светлина и подготовките за Божиќ.
Некои веруваат дека традицијата за избирање во четврток започна затоа што било саемски ден во повеќето градови, така што луѓето од пооддалечените области би можеле да одат на саемот и на гласачките места во исто време.
Друга популарна теорија е дека се гласа во четврток за да и се даде време на новата влада да се формира во текот на викендот и да биде подготвена за работа во понеделник.
Некои сметаат дека тоа е затоа што платите на работниците некогаш биле исплаќани во петок, така што ќе имаат доволно време да пијат до четврток и да излезат целосно трезни на изборите.