Велика Британија стана првата земја што одобри вакцина против ковид-19 која има дејство и против оригиналната и против омикронската варијанта на коронавирусот.
Британската Регулаторна агенција за лекови и здравствени производи (MHRA) ја одобри т.н. бивалентна вакцина која ја произведе американската фармацевтска компанија „Модерна“ како бустер, дополнителна вакцина за возрасни лица, извести „Танјуг“ повикувајќи се на „Ројтерс“.
Одлуката на Агенцијата се заснова на податоците од клиничките испитувања, кои покажаа дека вакцината предизвика силен имунолошки одговор против Омикрон (БА.1) и оригиналниот вирус од 2020 година, се вели во соопштението.
Охрабрувачки резултати
MHRA исто така наведе дека анализата покажала дека вакцината генерирала добар имунолошки одговор против моментално доминантните омикронски соеви BA.4 и BA.5.
Првата генерација на вакцини против ковид -19 што се користат во Обединетото Кралство продолжуваат да обезбедуваат важна заштита од болести и спасуваат животи, се вели во изјавата на извршниот директор на MHRA, Џун Рејн.
Според неа, оваа бивалентна вакцина ќе ги заштити луѓето од корона, додека вирусот продолжува да се развива.