Британската кралица Елизабета Втора во наредните недели треба да ја прими вакцината против коронавирус од производителот „Фајзер и Бионтек“, која неодамна беше одобрена во Велика Британија, објавија денес локалните медиуми.
94-годишната кралица и нејзиниот сопруг, принцот Филип, кој има 99 години, ќе бидат меѓу првите кои ќе ја примат вакцината, објавија „Сандеј тајмс“ и „Сандеј мејл“.
Медиумите објавија дека тие имаат приоритет поради возраста, а не поради титулите. Бакингемската палата не сакаше да ги коментира вестите, а неименуван портпарол соопштил дека здравствените одлуки претставуваат домен на приватност.
„Сандеј мејл“ објави дека најстарите членови на британската монархија ќе ја објават вакцинацијата со цел да охрабрат што е можно повеќе луѓе да примат вакцина за коронавирус.
Вакцинацијата е закажана да започне во вторник во Велика Британија. Британскиот премиер Борис Џонсон неодамна изјави дека ќе почека да дојде неговиот ред за да ја прими вакцината за коронавирус и дека тоа нема да биде приоритет.