Поранешниот главен научен советник на британската влада, Патрик Веленс изјавил денеска дека нова пандемија е апсолутно неизбежна и ја повикал новата британска влада да се фокусира на подготовката за тоа, предупредувајќи дека се уште не е подготвена за такво нешто.
Говорејќи на панел во велшкиот округ Паус, Веленс рекол дека е одлично што ќе се одржат избори бидејќи има очигледни прашања што треба да се решат, пренесе „Гардијан“.
-Една од работите што следната влада мора да ги направи е да спроведе подобар надзор за да може да ги открие пандемии што доаѓаат, изјавил тој.
-Треба да бидеме многу побрзи… во брзите тестови за дијагноза, брзи вакцини, брза нега, за да не мора да се прогласат екстремни мерки какви што беа воведени за време на пандемијата со Ковид-19, додал Веленс.
Тој предупредил дека лидерите на земјите од Г7 ги заборавиле лекциите од последната пандемија, истакнувајќи дека подготовките за пандемија треба да се третираат како подготовка на вооружените сили.
-Знаеме дека мора да имаме војска, не затоа што ќе има војна оваа година, туку затоа што знаеме дека тоа е суштински дел од она што ѝ треба на земјата. Мораме да ја третираме оваа подготвеност на ист начин, укажал Веленс.
-Предлогот на Светската здравствена организација, со кој земјите од светот би постигнале договор за подготовки за следните пандемии е „чекор во вистинската насока“, оценил Вeленс.