Министерот за одбрана на Велика Британија изјави дека сака да ја распореди британската армија во Украина, оценувајќи дека таков потег би го означил крајот на руската војна, која оваа недела ја одбележува својата четврта годишнина, пренесува агенцијата „Анадолу“.
„Нема поголем товар за ниту еден министер за одбрана или за која било влада од одлуката да ги испратиме нашите вооружени сили во операции.
Сакам да бидам министер за одбрана кој ќе ја распореди британската армија во Украина – бидејќи тоа ќе значи дека оваа војна конечно заврши“, напиша британскиот министер за одбрана Џон Хили во колумна за „The Sunday Telegraph“.
„Ова ќе значи дека преговаравме за мир во Украина, а на безбедна Европа ѝ е потребна силна и суверена Украина“, додал тој.
Европските лидери, вклучувајќи ги Обединетото Кралство, Франција, Германија и осум други земји, разговараа за формирање „коалиција на добронамерните“ со поддршка на Соединетите Американски Држави.
Според Хили, таа група би можела „да помогне во обновата на украинските сили, обезбедувањето на украинскиот воздушен простор и зајакнувањето на поморската безбедност, вклучително и операциите во Украина“.
Британската влада работи со сојузниците за воспоставување на оваа коалиција, за која се очекува да ја спречи идната „руска агресија“ откако ќе се постигне договор меѓу Москва и Киев.
Во декември, европските лидери изјавија дека Европа е подготвена да ги предводи „мултинационалните сили“ во Украина како дел од предлогот за мировен договор на САД.