Британскиот премиер Борис Џонсон му испрати писмо на лидерот на опозициските лабуристи Џереми Корбин, во кое од него бара да ги поддржи изборите на 12 декември и му нуди можност да го ратификува владиниот договор за Брегзит пред изборите.
Џонсон во писмото наведува дека Парламентот сè уште може да го усвои договорот за излез на Велика Британија од ЕУ доколку го поддржи планот на Владата за предвремени избори.
Тој истакна дека е „крајно скептичен“ дека Парламентот ќе престане да гласа за одложување на Брегзит, но подготвен е на пратениците да им понуди повеќе време да го ратификуваат договорот за Брегзит.
– Ако се посветите на гласање за избори следната недела (во случај ЕУ да понуди одложување до 31 јануари и Владата да го прифати, како што поради Парламентот е и правно приморана да го направи) тогаш ние постојано ќе бидеме на располагање од денеска до 6 ноември за да се разговара за предлог договорот за повлекување и да се гласа за него, се вели во писмото што го објави Џонсон на Твитер.
Тој додаде дека тоа значи дека Брегзит би можел да се спроведе пред изборите на 12 декември ако пратениците изберат да го направат тоа.