Британскиот премиер го посети Киев и вети нов пакет помош

од Vladimir Zorba

Новиот британски премиер Риши Сунак за прв пат го посети Киев, ветувајќи дека ќе ја продолжи цврстата поддршка за Украина, а истовремено најави и нов пакет помош за воздушна одбрана против руски беспилотни летала.

„Британија знае што значи да се бориш за слобода“, напиша Сунак на Твитер.

„Ние сме со вас цело време“, додаде тој.

Сунак рече и дека Британија ќе обезбеди нов пакет воена помош, вреден 50 милиони фунти, кој вклучува против-воздушно оружје и технологија како радар за борба против нападите со беспилотни летала. Лондон, исто така, истакна дека ќе ја засили обуката на украинските војници.

„Додека украинските вооружени сили успеваат да ги потиснат руските сили на теренот, цивилите се брутално бомбардирани од воздух“, рече Сунак.

„Денес обезбедуваме нова воздушна одбрана, вклучително и против-воздушна опрема, радарска и против-дронска опрема и ја засилуваме хуманитарната поддршка за студената, тешка зима што претстои“, додаде тој.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави видео од средбата и ја поздрави континуираната поддршка на Лондон.

„Со пријатели како вас, сигурни сме во нашата победа. И двете земји знаат што значи да се бориш за слобода“, напиша Зеленски на Твитер.

Сунак, поранешен министер за финансии, ја презеде функцијата минатиот месец по краткотрајното владеење на Лиз Трус.

Слични содржини